Анегдота стара 20 години: Како Михаел Шумахер помогнал Заубер да го ангажира младиот Раиконен

Швајцарскиот медиум „Blick“, пренесе информација околу тоа како во минатото Михаел Шумахер, бил еден од луѓето кои влијаеше на Петер Заубер да одлучи да го донесе младиот Кими Раиконен, потенцијал кој еден ден би можел да стане шампион – и навистина стана во 2007 година.

Во склоп на веста во која пишуваа и за Фетел и Ферари, за тестот во Муџело, швајцарскиот весник се присети на приказната како Кими Раиконен со тест на оваа патека, му дал прилика да дебитира во Ф1.

Раиконен на Ф1 гридот се појави во 2001 година, но одлуката на Заубер да го донесе Кими во своите редови подигна доста прашина, бидејки тогаш младиот возач од Финска не бил доволно афирмиран, но веројатно пресудни биле и зборовите на големиот Шумахер.

Раиконен до влезот во Ф1, имал интересна статистика во пониските категории, 13 победи на 23 трки, а Михаел Шумахер дал добронамерен совет до неговиот пријател Петер Заубер.

Раиконен тестирал со болид на Заубер во септември 2000 година на Муџело, а тој ден таму тестирал и Михаел Шумахер и бил присутен таму цел ден. По тестирањето на Раиконен, Михаел Шумахер му го рекол следново на Заубер:

Не знам кој го возеше твојот болид денеска, но ова дете мора да го ангажираш кај тебе, мислам ќе биде голем возач“, биле зборовите на Шумахер.

Раиконен по солидната дебитантска сезона со Заубер, потпишува со Мекларен, каде го заменува Мика Хакинен подоцна. Во два наврати во 2003 и 2005 година остана со кратки ракави во битката за титулата, но затоа тоа му појде од рака во 2007 година со тимот на Ферари, а Михаел Шумахер повторно бил во право за Раиконен.