Андреј Митревски: И да не ја доиграме сезоната, летото да го искористиме за тренинзи

Најмладиот кошаркар репрезентативец на Македонија, Андреј Митревски, кој се најде на поширокиот список на селекторот на сениорскиот национален тим, беше најдобриот, најефикасниот играч на Македонија на Европското кадетско првенство во Италија.

Иако има само 16. наполнети години, Андреј Митревски влезе и во конкуренција за избор на најдобриот млад кошаркар за изминатата година.

Сезона во која настапуваше на три кошаркарски нивоа. Освен она репрезентативното, со македонската кадетска селекција, како играч на Феникс 2010 паралелно играше во Втората лига, но и во една „повозрасна категорија“, лигата за играчи под „Под 18“ години.

Со своите врсници од генерацијата на играчи родени 2003 година, пак, им овозможи на оние помладите, да бидат дел од „А“ дивизијата за оваа календарска година.

Сепак, пандемијата на коронавирусот едноставно не им даде на нивните „наследници“, но и неговите репрезентативни соиграчи да направат уште еден европски исчекор. Да и донесат на кошаркарска Македонија уште поголема „стабилност“, пред се кога се зборува за резултатите во младинскиот репрезентативен сегмент.

А прекинот на кошаркарските активности донесе и одредени пробеми и во „режимот на работа“ на нашиот млад репрезентативец. Играчот кој извесно, одиграл и најголем број на натпревари во текот на една натпреварувачка сезона, не само според неговата лична „статистика“.

Првиот месец од карантинот го искористив, пред се, за одмор. И тоа беа денови испонети со многу сон, онлајн учење, квалитетна исхрана и едночасовен фитнес-стречинг во вечерните часови. Веќе после Велигден, почнав секојдневно да работам и со топка на училишното кошаркарско игралиште во мојата населба“.

„Сезонава започна убаво, доста добро. Со јуниорската репрезентација, или според ФИБА стандардите, У-18, го освоивме турнирот во Бугарија. На клубски план со КК „Феникс 2010“ бевме на високото второ место во Втората сениорска лига. И со нетрпение го очекувавме плеј-офот, за да се избориме за посакуваното финале кое ни обезбедуваше место во Првата лига. Во јуниорската лига, како и секоја претходна сезона, бевме на врвот на табелата во регуларниот дел. Но за жал не ги дочекавме завршните натпревари“.

„Влегувањето во поширокиот состав на нашата сениорска репрезентација го сфатив како еден вид признание од селекторот Александар Тодоров за сработеното на Европското Првенство за играчи ‘Под 16’ години во Удине. Но и поттик за влегување на нашата У-18 селекција во ‘А’ дивизија. Извесно, не е сеедно за развојот на младите кошаркари дали ќе настапуваат на ЕП во “Б’ Дивизија или пак ќе ги одмерат силите со своите врсници од поквалитетните селекции како што се Шпанија, Србија, Италија и останатите од ‘А’ Дивизијата“.

„По корона кризата, односно дали ќе ги продолжиме натпреварите во јуни, или пак ќе ја чекаме новата сезона во октомври, според мене, и не е толку битно. Најважно е да го искористиме летото за тренирање“– смета младиот репрезентативец.

ФОТО: КФСМ