Реал Мадрид одигра 1:1 на гости со Лас Палмас во натпреварот од 3.коло од шпанската Ла лига. Алберто Молеиро (5′) ги доведе домашните во водство, а израмни Винициус (69′, од пенал). „Кралскиот“ клуб сега има пет бода, Лас Палмас два, а лидерот Барселона е единствен тим со максимални девет бода..
Тимот на Карло Анчелоти има само една победа, и две ремија, на трите натпревари. Новиот прволигаш Валјадолид беше победен со 3:0, но, против Мајорка и Лас Палмас, Реал освои само по еден бод.
Анчелоти на прес-конференцијата по натпреварот ги критикуваше своите играчи, особено играчите од средниот ред, за бавниот проток на топката и за големото растојание меѓу линиите.
– Треба брзо да најдеме решенија за да се подобриме. Се бориме и немаме стабилност. Потешко е отколку што очекувавме. Единствено добро е што знаеме што треба да поправиме.
Бавни сме, не се движиме доволно. Проблемот што го имаме е многу јасен, сега треба да најдаме решение. Не сме компактни во средината, линиите ни се премногу оддалечени.
Нашиот напад е добро поставен, но додека топката стигне до нив, противниците веќе се добро наместени. Не е проблем со менталитетот. Не ни недостига карактер или волја. Сега не ни оди добро и не смееме да дозволиме тоа да продолжи, изјави Анчелоти.