Алушовски задоволен: Финишот заслужува респект, покажавме победнички карактер

Екипата на Вардар вечерва успеа да го совлада норвешки Елверум во вториот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите со 32:35.

И покрај лошиот финиш на првото полувреме и лошите моменти во вториот дел, Вардар во кон крајот на натпреварот успеа да се консолидира и со фуриозен финиш дојде до победата.

Оттаму и задоволство кај тренерот на Вардар, Стевче Алушовски, откако неговиот тим дојде до втората победа сезонава во Лигата на шампионите.

„Најпрво му честитам на Елверум за борбата. Честитки и за моите играчи кои дојдоа до втората победа во Групата А. Сметам дека бевме многу поприсебни во моментите на крајот, покажавме поголемо искуство, а овој пат бевме и посреќни во финишот кога се решаваше победникот. Во второто полувреме го дадовме и последниот атом од силите за да победиме. Она што го покажавме во последните пет минути заслужува респект. Покажавме победнички карактер. Првото полувреме го одигравме лошо, имавме 11 промашени чисти шутеви, голманот им беше на ниво. Затоа им честитам на моите момци за пожртвуваноста и борбеноста, за она што го покажаа во последните шест минути“, истакна Алушовски.