Шпанецот Карлос Алкараз, тенискиот „гениј“ од Мурсија, се врати на местото каде првпат го почувствува шармот на триумфот на еден грен слем турнир.
Пред две години тој триумфира на САД опен, победувајќи го Каспер Руд во финалето, и на 19 години, четири месеци и шест дена стана најмладиот светски рекет број 1 во историјата, пишуваат Спортске новости.
Оттогаш тој освои два Вимблдона и еден Ролан Гарос. Четири грен слем титули за 21-годишник е одлично, но Алкараз е свесен дека се’ уште е далеку од Новак Ѓоковиќ (37), кој во Њујорк ќе се обиде да го освои 25-от грен слем трофеј.
– Ова што го прави Новак е чин на бруталност, да бидам искрен, ја прокоментира Алкараз долговечноста и успешноста на српскиот тенисер.
Но, тој воопшто не крие дека еден ден сака да се доближи до бројките на Новак.
– Имам 21 година и веќе освоив четири грен слема, но се надевам дека нема да застанам тука. Многу луѓе се прашуваат што можам да направам во иднина ако веќе сум толку успешен, но четири титули нема да значат ништо ако останам на тоа и не продолжам да се развивам.
Моја задача е да продолжам да напредувам бидејќи целта ми е да победувам што повеќе. Тоа го правеше Ѓоковиќ во текот на кариерата, секогаш сакаше да се подобрува кога играше на вакви турнири, секогаш сакаше да ја покаже најдобрата верзија од себе. Тој успеа во тоа и затоа многу луѓе му се восхитуваат, изјави Алкараз.
Карлос рече дека не дозволил да биде вовлечен во дискусиите околу допинг-аферата на Јаник Синер. Тој посочи дека има детали за кои не се сите свесни и дека ја прифатил одлуката Синер да продолжи да игра додека трае истрагата.