Алкараз има подобар старт на кариерата од Ѓоковиќ, Надал и Федерер

Во голем број сегменти 19-годишниот шпански тенисер Карлос Алкараз е подобар од она што беа Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ или Роџер Федерер во негови години. Алкараз, кој по освојувањето на АТП Мастерс 1000 турнирот во Мадрид се проби на шестото место на АТП листата, веќе се споредува со фантастичното тениско трио и во некои сегменти, барем досега, Алкараз ги надмина сите нив.

Како неговата кариера ќе се развива треба допрва да се види, но еден од последните податоци е и тоа дека Алкараз досега играл пет финалиња на АТП турнирите и сите пет ги освоил. Надал, Ѓоковиќ и Федерер немале такво остварување во кариерите и не успеале да ги освојат своите први пет финалиња, а Алкараз не само што направи такво нешто, туку во тие пет финалиња оствари совршени 10:0 во сетови.

Притоа два од петте освоени турнири беа АТП Мастерс 1000 турнири, а сите противници во финалињата биле респектабилни имиња.

Се започна со освојување на турнирот во Хрватска, во Умаг, кога минатата година го победи Ришар Гаске со 6:2, 6:2. Во текот на 2022 година веќе е на четири освоени турнири, а по ред ги победуваше Диего Шварцман во Рио де Жанеиро (6:4, 6:2), па Норвежанецот Каспер Руд во Мајами (7:5, 6:4).

Потоа следуваа два триумфи на домашен терен во Шпанија. Најпрво во Барселона против сонародникот Пабло Карења Буста (6:3, 6:2) и на крајот во Мадрид против Александер Зверев (6:3, 6:1).

И покрај своите 19 години, во сите финални дуели, кога тензиите се најголеми, Алкараз работата си ја завршуваше совршено и само Руд на Флорида мечот го направи подраматичен. Сите останати финалиња биле еднонасочна улица за чудесниот млад шпански тенисер.