Новак Ѓоковиќ денеска ја почна 391. недела како првопласиран на АТП листата, а јасно е дека ќе остане таму најмалку до почетокот на ноември, односно уште шест недели.
Предноста во однос на второпласираниот Карлос Алкарас изнесува 3.260 бода, но многу лесно таа може да се стопи, со оглед на календарот на двајцата тенисери до крајот на годината. Минатата сезона во овој период, Шпанецот пропушти многу турнири поради повреди, па затоа сега и не брани многу поени, за разлика од Ѓоковиќ.
Во следните четири недели, Ѓоковиќ ќе загуби 750 бода бидејќи нема да игра во Тел Авив и Астана каде лани ги освои титули, па автоматски, разликата ќе се намали на 2.510 бода. Освен тоа, Србинот нема да игра во Кина каде лани не настапи Алкарас, но шпанскиот тенисер сега ќе патува во Шангај и Пекинг и во зависност од резултатите, дополнително ќе ја намали разликата во однос на Ѓоковиќ. Таму во оптек се 1.500 бода кои дополнително ќе ја замрсат борбата за првото место.
Лидерот брани и финале на Мастерсот во Париз (600 бода) и титула на завршниот Мастерс (1.000 бода), додека Алкарас лани не играше таму и не брани ништо. Сепак, се зависи од резултатите на Алкарас во Кина, ако ги освои двата турнира, тогаш ќе има отворен пат до првото место, но ако не успее во тоа, речиси сигурно Ѓоковиќ ќе ја заврши годината како првопласиран што ќе му донесе уште десетина недели на првата позиција.