Алфа ТВ ја укина спортската редакција!

Егзодусот во македонското спортско новинарство продолжува. Овој пат на мета се колегите од Телевизија Алфа. Според информацијата од телевизијата, менаџерот на оваа национална ТВ станица, од, за многумина, нелогични причини одлучил да ја укине спортската редакција и да го сопре емитувањето на редовните изданија на спортските блокови и вести.

Добро упатени извори тврдат дека во моментов сите случувања околу кадровските прераспределби во телевизијата, кои објективно никако нема да го подобрат ниту рејтингот ниту пак гледаноста на овој ТВ канал, туку напротив ќе имаат негативно влијание кон споменатите две категории, се резултат на лична пресметка, односно последица единствено на реваншизмот кон сите вработени кои го поддржале протестот кон крајот на минатата година за неисплатените плати кон вработените. Дел од нив се префрлени на други позиции како резултат на новата систематизација.

Спортската редакција на Алфа телевизија фукционира од самите почетоци или веднаш по доделувањето на националната концесија на овој медиум, успешно реализирајќи бројни спортски проекти, дел од нив носејќи рекордна гледаност кога во прашање е оваа телевизија и досега со сеуште ненадминати бројки. Симптоматично е тоа што ваквата одлука е донесена во екот на Европското првенство во ракомет, како и уште неколку значајни и исклучително важни спортски случувања карактеристични за овој период од годината, како првиот тениски Гренд слем во сезоната Австралија Опен, а во пресрет на Зимските олимписки игри во Пекинг кои стартуваат на почетокот од февруари.