Најдобриот германски тенисер Александар Зверев ја освои титулата на турнирот во Минхен. Во финалето го совлада американскиот тенисер Бен Шелтон и на крајот извојува победа со 2-0 во сетови (6-2, 6-4) за само 72 минути борба.
Мечот започна со брејк кој Зверев го направи во првиот гем и тоа беше показател во кој правец ќе се одвива ова финале. Германецот сервираше одлично, со 83% успешност на првиот сервис, па Шелтон никогаш немаше шанса да го врати брејкот.
Вториот сет започна на ист начин, Зверев повторно направи брејк во првиот гем и потоа без поголеми проблеми ја одржуваше предноста до крајот на мечот, недозволувајќи му на ривалот сериозно да му се закани.
Зверев моментално се проби на второто место на АТП-листата со 8.085 бодови.