Алборг му го нанесе вториот пораз на Вардар во ЛШ, Данците се реваншираа

Екипата на Вардар го забележа вториот пораз во Лигата на шампионите, откако на гостувањето кај Алборг загуби со 33:29.

Вардарци одиграа добар меч на гостувањето во Данска, но сепак на крајот немаше доволно сили за да издржи до самиот крај и да му парира на еден од најдобрите тимови во Европа. Веселин Вујовиќ може да го радува и фактот што и покрај поразот, вардаровите играчи прикажаа далеку подобра игра во однос на мечот со Монпелје во Скопје, а на крајот како решавачки се покажа заморот кај играчите, бидејќи немаа доволно сили да парираат во текот на сите 60 минути на брзиот ракомет на домаќините.

Клучниот момент во играта беше на крајот од првиот дел. До тој момент Вардар беше рамноправен противник и имаше водство, но Алборг наскоро го засили темпото и дојде до четири погодоци во низа, а од друга страна, Вардар не реализираше три напади, промаши и пенал, па на полувремето се замина со 16:13 во корист на домаќините.

Алборг фуриозно го започна и вториот дел, постигнувајќи три гола во низа, па поради само неколку лоши минути, Вардарци се најдоа во ситуација во која имаат шест гола негатива. Данците дојдоа и до плус седум на 15 минути до крајот, но Вардар се консолидираше иако тоа беше предоцна за да се направи целосен пресврт.

Вардар успеа да постигне четири гола во низа и дојде на два гола негатива на четири минути до крајот, но Алборг не ја прокоцка предноста и на крајот заслужено дојде до победата.

Најдобар поединец кај домаќините беше Арон Палмарсон кој постигна девет погодоци. Исто толку имаше и Дибиров и тоа сите во првото полувреме, а Кевин Њокас додаде седум.

По пет кола Вардар има два порази и сега е на шестото место со пет бода, додека Алборг и понатаму е прв со осум бода. Во следното коло во Скопје пристигнува Кил (27 октомври).