„Ако се однесува како Суарес, барем нека дава голови како Суарес!“

Уругвајскиот репрезентативец Дарвин Нуњес е во центарот на вниманието на англиската фудбалска јавност откако синоќа доби црвен картон на својот прв натпревар на Енфилд, против Кристал Палас.

Напаѓачот на „црвените“ наседна на провокацијата на Јоаким Андресон, го удри со глава и заслужено беше испратен во соблекувална. Инцидентот се случи при водство на Кристал Палас од 1-0, подоцна и со играч помалку Ливерпул израмни, но не дојде до победата. Навивачите на вицешампионот беа жестоки кон Нуњес на социјалните мрежи иако ова му е само прв инцидент откако стана играч на Ливерпул.

„Ако се однесува како Суарес, барем нека дава голови како Суарес“, беше еден од најинтересните коментари, алудирајќи на тоа што Нуњес е сонародник на поранешниот голгетер на Ливерпул кој, исто така, имаше незгоден темперамент, но сето тоа го компензираше со одличните настапи и головите.

Нуњес дебитираше за Ливерпул со гол и асистенција во дуелот со Фулам, но се уште го очекува првиот триумф во дресот на клубот од Енфилд.