75 илјади навивачи дојдоа на стадионот на најголемиот ривал и испратија моќна порака до УЕФА

Унион Берлин е дебитант во Лигата на шампионите оваа сезона. Сензацијата на Бундеслигата минатата сезона се избори за настап во групната фаза од елитното натпреварување, но првиот домашен меч сезонава против Брага не можеше да се одигра на својот стадион Ан дер Алтен Форстереј, кој е со капацитет од 22 илјади луѓе,и нема лиценца за групната фаза од Лигата на шампионите.

Така тимот мораше да прифати домашните европски натпревари да ги игра на стадионот на најголемиот ривал Херта од Берлин.

Сепак, тоа не ги спречи локалните навивачи и дури 75.000 од нив пристигнаа во домот на градскиот ривал, каде закачија неколку транспаренти со жестока порака до УЕФА за лиценцирањето на стадионот. На првиот голем транспарент пишува „Инфраструктурни регулативи на УЕФА“, додека на малку помалиот има бројни правила кои мора да се исполнат за да се добие лиценца. На самото дно е напишана жестока порака до УЕФА: „Не ве интересира спортот, ве интересираат само парите!“

Унион Берлин водеше со 2:0 против Брага, но Португалците се свртија во неверојатна партија и победија со голот на Кастро во 94. минута.