Вардар и Металург во финалето од Купот

Екипите на Металург и Вардар со победите против Бутел, односно Еурофарм Работник во полуфиналето од турнирот во Купот на Македонија што се игра во Куманово, обезбедија меѓусебна пресметка во борба за трофејот.

Првиот натпревар се одигра помеѓу Металург и Бутел. Првото полувреме беше во знакот на Металург кој беше цело полувреме во водство. Полувремето заврши 17-15 во корист на Металург. Во второто полувреме на почетокот Бутел беше подобар и имаше водство од 17-18, но Металург успеа да ја врати предноста и да го преземе водството. До крајот на натпреварот Металург имаше предост 2-3 гола и победи со 34:31.

Најдобар стрелец на натпреварот беше Мирко Мајиќ од Бутел со 10 постигнати погодоци, додека за Металург најефикасен ракометар беше Томислав Јагуриновски со 9 погодоци.

Вториот натпревар помеѓу Вардар и Еурофарм Работник донесе резултатски понеизвесен дуел, каде во првото полувреме беше речиси изедначенo, a дури пред паузата Вардар успеа да се одлепи и поведе со 18-16.

Еурофарм во второто полувреме успеа да изедначи на 19-19, но Вардар брзо воспостави ритам во играта и знаеше да го задржи водството се до конечен триумф 35-30.

Најдобар стрелец на натпреварот беше Владислав Остроушко од Еурофарм Работник со 10 постигнати погодоци, додека за Вардар најефикасени ракометари беа Тимур Дибиров, Сташ Скубе и Мораеш Рожерио со по 7 погодоци

Финалето од 27-то издание на Купот на Македонија се игра утре (11.05.19) од 20:00 часот во салата “Куманово” во Куманово, со пренос на ТВ Телма.