Јаневски прозиваше, Вардар ги почна подготовките

278

Актуелниот македонски шампион Вардар денеска ги почна подготовките за пролетната полусезона по тринеделната пауза.

Тренерот Чедомир Јаневски ја одржа прозивката и краток состанок во соблекувалната, а потоа фудбалерите одржаа лесен тренинг. Според планот н подготовките, Вардар ќе остане во Скопје една недела, а на 16 јануари заминува за Анталија каде ќе одигра најмалку шест пријателски натпревари.

“Најпрво да им посакам многу среќа и здравје на фудбалерите во овие подготовки. Во првите денови од подготовките ќе ги направиме потребните физички тестови на играчите, и тоа ќе почне од утре. Тука сме до вторник, кога заминуваме во Анталија каде што ќе го одработиме оној главен дел од подготовките и ќе играме пријателски натпревари. Нашата цел е и во оваа 2018 година повторно да освоиме трофеј. За да го направиме тоа треба многу добро да се подготвиме, затоа што пролетниот дел го почнуваме со негатива од осум бодови, меѓутоа пред нас се уште 18 натпревари. Затоа е важно подготвени да го дочекаме пролетниот дел од сезоната.

„Добивме нови, млади играчи. Приликите се такви, и мора во иднина младите таленти низ цела Македонија да доаѓаат во Вардар. Јас сум убеден дека секоја шанса која што ќе ни се пружи за ангажман на такви фудбалери, ќе треба да ја користиме. Се одлучивме на таков чекор затоа што тие играчи кои ги ангажиравме во натпреварите против нас покажаа квалитет, и во договор со раководството и со некои луѓе кои што подолго време ги следат нивните настапи, се одлучивме да ги ангажираме. Сигурно дека покрај нивната младост, тие се и искусни играчи затоа што имаат по 50 прволигашки настапи во изминатите 2-3 години, што е бројка за почит, и јас очекувам со нивната работа да се наметнат и да бидат идни стандарни првотимци на Вардар. Тука сигурно ќе вклучиме и играчи од нашиот младински погон. Веќе неколку пати неколкумина фудбалери од нашата младинска школа тренираа со првиот тим, и сигурно дека ќе сметаме и на фудбалери од нашата Академија“, изјави Јаневски по прозивката.

По првиот дел од сезоната Вардар има осум бода негатива во однос на лидерот Шкендија, а токму против најголемиот ривал го почнува пролетниот дел на 14 февруари во Тетово.