Ѓоковиќ и Пике создаваат пандан на Дејвис Купот со астрономски награден фонд!

744

Според пишувањата на француски „Л’Екип“, на повидок е голема револуција во тенисот, а предводници се српскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ и човекот кој нема никаква допирна точка со овој спорт, но е огромен вљубеник во тенисот, стоперот на Барселона Жерар Пике.

Тие двајца потпомогнати од засега непознат инвеститор од Кина, договориле да направат натпреварување кое би било пандан на веќе надминатиот Дејвис Куп, а подготвиле и неверојатен награден фонд кој ќе изнесува помеѓу 30 и 40 милиони евра. А таквата количина на пари (на пример фондот на годинешниот Австралија Опен беше 16 милиони евра) може да направи вистински дар-мар во тенисот. Колку што засега се знае, идејата дошла од каталонскиот фудбалер кој уште пред две години и пришол на Меѓународната тениска федерација (ИТФ) со сличен предлог, но бил одбиен. Стоперот на Барселона е познат како голем љубител на белиот спорт, често посетува турнири каде воглавно ја гледа „големата четворка“, па успеал да најде соговорници на оваа тема. Наводниот формат на натпреварување би собирал 16 тимови кои на едно место би играле во текот на две недели. Нешто како Светско првенство.

Новак неодамна, за време на Австралија Опен, ја здрма тениската номенклатура откако преку Синдикатот на тениски професионалци, чиј претседател е во моментов, побара поголем „дел од колачот“ на наградниот фонд на Гренд слемовите, пред се за почетните рунди од натпреварувањето. Тој сега изнесува помеѓу 15% и 17% што е малку со оглед на тоа дека луѓето на мечевите доаѓаат поради тенисерите.

Очигледно е дека српскиот ас нема мир и кога не се натпреварува, вредно работи. Овие подвизи кои ги презема во последно време би можеле да бидат преголеми за него, но мора да му се признае дека има храброст и одлучност да се спротистави на структурите. И тоа не само во своја корист, туку и на помалку квалитетните тенисери.