Утеха за „Црвено-црните“: Вардар е подобар од Бенфика!

794

Македонскиот фудбалски шампион Вардар синоќа ја заврши својата дебитантска европска одисеја.

Вардарци направија историски успех летово со пласманот во групната фаза од Лигата на Европа, но настапите во истата можеби и не треба да бидат за паметење. Имено, Вардар е најлошата екипа во Лигата на Европа сезонава со само еден освоен бод, а исто така успеаја да го израмнат и негативниот рекорд на Слован Братислава со 20 примени погодоци во групната фаза.

За успех во Европа потребно е многу повеќе. Но, не е се така црно за Вардар кога станува збор за оваа европска сезона.

Ако се земат предвид двете европски клупски натпреварувања – Лигата на шампионите и Лигата на Европа, тогаш Вардар не е најслабиот тим сезонава. Зад нашата фудбалска гордост остана португалскиот великан и двојниот европски првак Бенфика.

Португалскиот тим не освои ниту еден бод во конкуренција на Манчестер Јунајтед, Базел и ЦСКА Москва во групата А од Лигата на шампионите, со што е најлошиот тим во европските натпреварувања оваа сезона.

Слично како Вардар мина и Олимпијакос кој во групата со Барселона, Јувентус и Спортинг Лисабон успеа да освои само еден бод, но притоа имаше помалку примени голови (14 наспроти 20 на Вардар) и еден гол повеќе од нашиот шампион (4 наспроти 3).

Ако се согледа статистички, тогаш Вардар немал толку лошо европско деби. Статистиката открива дека најголемиот проблем на Вардар во Европа всушност е одбраната, која рака на срце, беше како „швајцарско сирење“, па на домашен терен доживеавме дебакли од 0:5 и 0:6 од Зенит, односно Реал Сосиедад.

Од друга страна, со три постигнати голови, Вардар, теоретски, можеше да се надева и на пласман во 1/16-финалето од Лигата на Европа. Можеби звучи чудно, но Црвена Звезда со само три постигнати гола успеа да заврши како второпласирана во конкуренција на Арсенал, Келн и БАТЕ Борисов, но некогашниот европски и светски првак имаше десетпати подобра одбрана од Вардар, односно на шест натпревари прими само два гола.

Средниот ред се чини е најдобриот дел од екипата на Вардар, нешто што е новина по доаѓањето на Чеде Јаневски кој инсистира неговиот тим да ја има топката во свои нозе и да напаѓа и да создава шанси. Но, реализација нема, а тоа е најголемиот проблем.

Имено, Вардар има повеќе креирани шанси, односно удари кон противничките голови од Партизан и Локомотив Москва кои ќе играат во нокаут фазата од Лигата на Европа. Кога станува збор за ударите во рамките на голот, тогаш Вардар е подобар од еден Лацио, Стеауа, Атлетик Билбао, Марсеј, Копенхаген, Црвена Звезда, Салцбург, Виљареал, Лудогорец… Вардар упатил 28 удари кон голот на противниците во групната фаза од Лигата на Европа, а успеа да постигне само три гола, што е можеби и главната причина поради дебаклот кој го доживеа во своето деби. Играчите од средниот ред, пред се тука се мисли на Хуан Фелипе, одлично си ја одработија својата функција и подготви еден куп шанси за своите соиграчи, но напаѓачите потфрлија. Тоа е знак дека на Вардар му е неопходен расен стрелец. Итало дојде предоцна во тимот и можеби веќе на пролет ќе почне да ги решета мрежите, тука е и Максим Максимов кој играше во страшна форма во квалификациите за Лигата на Европа во дресот на Тракаи, но поради бирократските проблеми не можеше да биде пријавен во Лигата на Европа.

За Европа е потребно многу повеќе од ова. Пред се стабилна одбрана и концентрирани напаѓачи. Впрочем и капитенот Грнчаров самиот истакна дека за Вардар да се носи со „големите“ во Европа потребни се трипати поголеми вложувања. Веројатно раководството на клубот, пред се спортскиот и техничкиот директор Дарко Панчев, односно Илија Најдоски ќе ги анализираат овие податоци и ќе реагираат на време, можеби да ризикуваат малку повеќе со засилувањата со амин на газда Самсоненко, се со цел да гледаме еден поуспешен Вардар во Европа во иднина.