Саутгејт го објави списокот на Англија: Неколку изненадувања и шокантни одлуки кај „Гордиот Албион“

4247

Дел од островските медиуми успеаја да дознаат детали и пред објавувањето на списокот, но како и секој пат, мораше да има изненадувања.

Особено имајќи предвид дека Герет Саутгејт одамна навест дека е подготвен да направи радикален пресек во репрезентацијата. Така беше при соопштувањето на списокот од 23 играчи за Светското првенство во Русија, со напомена дека уште пет играчи се најдоа на резервната листа.

Како што најавија островските новинари, на списокот го нема искусниот голман Џо Харт, а во средниот ред ниту Џек Вилшер, чие неповикување веројатно е најголемо изненадување.

Последниот филтер не го мина ни Адам Лалана чии шанси да се најде меѓу 23-те патници беа уништени со константните проблеми со повредата оваа сезона.

Ги нема ниту повредените Алфи Мосон и Џо Гомез, но и играчите кои во последните сезони беа мошне форсирани, а сега не се на списокот иако се здрави. Тоа се стоперот на Јунајтед Крис Смолинг, стоперот на Евертон Мајкл Кин, за кого минатото лето се пишуваа бајки. Ги нема ниту Лук Шо, Џонџо Шелви, Тео Волкот, младиот Тами Абрахам, ниту сензацијата на Фулам Рајан Сесењон за кого Саутгејт процени дека е се уште рано.

Но, затоа тука е искусниот Гери Кејхил, иако во последните пет натпревари на репрезентацијата Саутгејт пробуваше се и секого како централен бек и веројатно на крајот виде дека асот на Челзи, иако го надмина својот зенит, и понатаму е најдобра опција. Со кратки ракави останаа Џејмс Тарковски, кој беше кандидат за играч на годината во Премиер лигата, како и Мајкл Кин.

На местото на Вилшер тука е Фабиен Делф, на левата бековска позиција Ешли Јанг и Дени Роуз кои добија предност пред Рајан Бертранд. Донекаде неочекуван е повикот за Рубен Лофтус Чик од Челзи, иако тој имаше добра сезона на позајмицата во Кристал Палас. Навистина неочекувано е што на списокот го нема Џејмс Милнер, кој навистина има спектакуларна сезона во дресот на Ливерпул, без разлика на тоа што тој се повлече од националниот тим во 2016. година, но тоа беше во времето кога селктор беше Сем Алардајс.

ГОЛМАНИ: Џордан Пикфорд (Евертон), Ник Поуп (Барнли), Џек Батленд (Стоук).

ОДБРАНА: Александер Арнолд Трент (Ливерпул), Гери Кејхил (Челзи), Фил Џоунс (Јунајтед), Хари Мегваер (Лестер), Џон Стоунс (Сити), Керан Трипие (Тотенхем), Кајл Вокер (Сити), Ешли Јанг (Јунајтед), Дени Роуз (Тотенхем).

СРЕДЕН РЕД: Деле Али (Тотенхем), Ерик Даер (Тотенхем), Џордан Хендерсон (Ливерпул), Џеси Лингард (Јунајтед), Фабиен Делф (Сити), Рубен Лофтус Чик (Челзи/Кристал Палас).

НАПАД: Хари Кејн (Тотенхем), Маркус Рашфорд (Јунајтед), Рахим Стерлинг (Сити), Џејми Варди (Лестер), Дани Велбек (Арсенал).

Резерви: Том Хитон (Барнли), Џејмс Тарковски (Барнли), Луис Кук (Борнмаут), Џејк Ливермор (ВБА), Адам Лалана (Ливерпул).