Рутинирана победа на Вардар против Војводина

302

Дуелот во Нови Сад не донесе ништо на табелата во СЕХА лигата по триумфот на Вардар од 36:32 (17:13). „Црвено-црните” останаа на првото место, а Војводина е „фенерџија” на едно коло до крај на регуларниот дел од сезоната

За Вардар ова е 16. триумф сезонава во СЕХА лигата и актуелниот освојувач на ова натпреварување сега има 49 бода, и останува тим со најдобра одбрана и најдобар напад. Вардарци досега во лигата имаат постигнато 536 гола, а примено само 420. Вардарци се единствено досега што постигнуваме над 500 гола во сезоната.

Во Србија „Црвено-црните“ заминаа без Штербик, Мораеш и Чупиќ. Од почеток до крај Вардарци беа во водство одржувајќи предност од неколку голови без притоа да има било каква шанса домашните ракометари да се приближат или да направат пресврт. Неколку пати само Војводина дојде на негатива од еден гол, последен пат во 36 минута (18:19) по што Вардар пак „уфрли во повисока брзина” и сѐ си дојде на свое место.

Единствено дефанзивецот Илија Абутовиќ немаше упатено удар на голот на домашните, а најчесто нападите завршуваа со погодок, особено во вториот дел.

Во последниот натпревар од регуларниот дел од сезоната во СЕХА лигата на 13 март во Скопје гостува тимот на Нексе. Потоа следува пауза до средината на април кога во СЦ „Јане Сандански” се игра Ф4 турнирот.

Милиќ (одбрани 3 топки), Ѓорѓевски (одбрани 5 топки), Стоилов 1, Недановски, Поповски 2, Криштопанс 4, Македа 5, Карачиќ 5, Абутовиќ, Кањељас 3, Циндриќ 7, Дибиров 3, Шишкарев 4, Борозан 2, Војводиќ, Марсениќ.