Промени во СЕХА лигата, Веспрем и ПИК Сегед се приклучуваат, резерви се Кјелце и Висла Плок

727

Со одржувањето на фајнал фор турнирот во Скопје, на прес-конференцијата пред почетокот на натпреварите за 3 место и големото финале, раководните лица на СЕХА лигата најавија промени во форматот и учесниците на натпреварувањето.

Следната СЕХА лига ќе започне во октомври 2018. година, а Македонија повторно ќе има два загарантирани претставници. Според најавите, ќе се намали бројот на натпреварите, но ќе биде зголемен квалитетот на лигата. Така, според новиот формат ќе се играат две групи со по шест екипи, ќе се играат 10 кола наместо 20 како досега, а потоа ќе се игра завршен турнир.

Македонските претставници нема да играат во иста група, а првиот човек на СЕХА, Михајло Михајловски најави дека Веспрем и ПИК Сегед се први опции за нови членови на натпреварувањето и дека веќе се започнати преговори со нив.

Доколку унгарските екипи не се вратат во СЕХА, резервна опција се полските екипи Кјелце и Висла Плок, а и во двата случаеви, квалитетот секако ќе биде зголемен. Што се однесува до останатите земји, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија ќе останат со по два претставници, а Белорусија и Словачка како и досега ќе имаат по еден претставник.

Од ЕХФ го споредуваат фајнал форот на СЕХА со оној на Лигата на шампионите, што е огромна чест. Целта ни е натпреварувањето да биде уште поквалитетно во иднина. Секоја година лигата е поквалитетна и поорганизирана. Кога Веспрем две години играше во СЕХА, двапати играше и на Ф4 во ЛШ. Сега не играат во нашето натпреварување, а ги нема ниту во четвртфиналето од ЛШ. Наша следна цел е да го намалиме бројот на натпревари, а да го зголемиме квалитетот. Можеби нема да инсистираме на десет екипи како досега, но следниот шаблон ќе биде пропорционален. Наместо 20, секоја екипа сега ќе игра 10 натпревари во сезоната“, изјави Михајловски.