Позната ви е ситуацијава: Рајн Некар и се скара на ЕХФ и ќе игра со втор тим во ЛШ

1985

Германскиот шампион Рајн Некар влезе во огромна кавга со европската ракометна федерација (ЕХФ) поради терминот на одигрување на натпреварот против Кјелце во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Рајн Некар побара поместување за ден подоцна бидејќи за 24 март е закажано големото дерби од Бундеслигата против Кил кој, исто така, игра во осминафиналето против Пик Сегед, но на 21 март. ЕХФ немаше слух за оваа молба, па германскиот клуб порача дека на гостувањето во Полска ќе замине со аматерскиот тим кој се натпреварува во третата лига.

„Не ни е јасно зашто ЕХФ е толку тврдоглава по прашање за промена на терминот. Натпреварот со Кил ќе го пренесува телевизијата АРД и тоа ќе биде големо дерби кое сигурно ќе го следат повеќе гледачи отколку дуелот со Кјелце во осминафинале на Лигата на шампионите”, изјави извршната директорка на Рајн Некар, Џенифер Кетерман.

Во овој случај Рајн Некар не е во право бидејќи ЕХФ има ексклузивна можност да ги одредува термините за одигрување на натпреварите, а националните федерации се раководат според тој распоред. Сепак, конфликтот на бундеслигашот со оваа организација многу наликува на оној на Фудбалскиот клуб Вардар со ФФМ по што “црвено-црните” одлучија до крајот на сезоната да играат со младинскиот тим.