Островска трансфер драма во балканска режија: Преку „Снепчет“ го договори трансферот во „15 до 12“

1103

Лудилото во последниот ден од преодниот рок во кој учествуваше српскиот репрезентативец Александар Митровиќ.

„Тајмс“ последниот ден од преодниот рок од аголот на Митровиќ ја опиша како сцена од филмот „Невозможна Мисија“. До толку било лудо и неизвесно.

Како епилог од целата приказна беше преоѓањето на Митровиќ во Фулам кај неговиот сонародник Славиша Јокановиќ и тоа преку социјалната мрежа „Снепчет“ (Snapchat).

Митровиќ е во немилост на Рафа Бенитез во Њукасл, не добива шанса, иако и оние напаѓачи кои играат пред него се во катастрофална форма. Србинот е миленик на навивачите, но тоа не му значи ништо на шпанскиот стратег, поради што Митровиќ мораше да бара клуб каде ќе ја продолжи својата кариера и на крајот се пресели на позајмица во Чемпионшип.

Но, претходно беше близу договор со француски Бордо, а тогаш во игра влета неговиот поранешен клуб Андерлехт и Митровиќ се одлучил за таа опција. И тоа утро му рекол на менаџерот на Фулам, Јокановиќ, дека се договорил со Андерлехт.

Пристигнал во Брисел околу 19:00 часот на последниот ден од преодниот рок и дознал дека постои проблем. Белгијците немале пари, сакале преку бонуси да му платат на Њукасл и трансферот пропаднал бидејќи англискиот клуб не го прифатил тоа.

Во тоа бунило Митровиќ го видел Јокановиќ на „Снепчет“.

„Како си?“, прашал Митровиќ.

„Одлично, чекам да ти пропадне трансферот“, му вратил Јокановиќ.

„Имаш среќа, пропадна“, одговорил Митровиќ.

Настанала тотална драма и збрка и некако сета таа документација како и лекарскиот преглед биле завршени во 15 минути до полноќ кога истекуваше преодниот рок.

Сакав да се онесвестам, немав јадено ништо додека чекав цело попладне, само гледав на часовник. На крајот, го избрав Фулам поради стилот на игра и поради Јокан“, изјави Митровиќ.

На крајот, тој имаше интересна забелешка откако го облече дресот на Фулам: „И понатаму сум во црно-бело“, изјави поранешниот напаѓач на Партизан.