Ова ќе биде засилување на деценијата: Ливерпул е прв фаворит за играчот кој го сакаат Јунајтед и Барса

3050

Ливерпул има сериозна намера да се врати на шампионскиот трон во Премиер лигата, а во таа намера не ги спречува ни продажбата на најдобриот играч изминатите неколку сезони Филипе Кутињо.

Јирген Клоп состави одличен тим, на „Енфилд Роуд“ во минатата и оваа сезона пристигнаа Садио Мане и Мохамед Салах кои формираа пеколен квартет со Фирмино и Кутињо. Зимава го срушија светскиот рекорд кога станува збор за дефанзивците, доведувајќи го Вирџил ван Дајк за 85.000.000 евра, а веќе е договорен и Наби Кеита од РБ Лајпциг кој треба да пристигне следната сезона. Поради Мане и Салах, отсуството на Кутињо во нападот нема да се почувствува, а во средниот ред за креацијата ќе биде задолжен Кеита.

Сепак, тоа не е доволно за шампионската титула и потребен е уште еден играч од светска класа, поради што Ливерпул се вклучува во трката за Антоан Гризман!

Според островските обложувалници, не само што Ливерпул се вмешува во трката за Французинот, туку тие сега важат и за главни фаворити за доведување на ѕвездата од Атлетико Мадрид!

Гризман долго време беше мета број еден на Манчестер Јунајтед и Барселона. Откако пропадна трансферот минатото лето „Црвените ѓаволи“ се откажаа од него и се насочуваат кон Алексис Санчез. По ангажманот на Филипе Кутињо, Барселона го става во втор план доаѓањето на Гризман, поради што во целата игра се појавува Ливерпул буквално од нигде никаде.

Обложувалницата „Скај Бет“ го нуди најмалиот коефициент токму на Ливерпул, додека Барселона и Јунајтед се веднаш зад него со нешто поголем коефициент.

Ливерпул ги има потребните пари за ангажман на Французинот, особено по продажбата на Филипе Кутињо во Барселона. „Црвените“ најавија дека ќе доведат големо засилување на негово место, а сега навивачите се надеваат дека токму Гризман е „мистериозната мета“ на нивниот клуб.