Мукаетов и Шилегов убедени: Европското првенство во 2022 ќе се игра во Скопје!

760

Sportclub.mk директно од Загреб

Македонската ракометна федерација во соработка со Словенија и Црна Гора, како и со Градот Скопје, денеска ја промовираше својата кандидатура за организација на Европското првенство за жени во 2022. година.

Според првичните информации на првиот човек на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, како и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, шансите за Скопје, заедно со Љубљана и Подгорица да биде домаќин на Европското првенство се големи.

„Ќе се обидеме да го донесеме Европското првенство во Скопје, Љубљана и Подгорица. Мислам дека настапување заеднички и регионално очигледно дава резултати и мислам дека синергично вака како што настапуваме имаме добри, да не речам големи шанси да ја добиеме кандидатурата. Ова ќе биде голема шанса за Македонија и Скопје и мислам дека ќе ја афирмираме државата и нашиот главен град на еден многу позитивен начин“, вели Мукаетов, кој потоа се осврна на желбата на РФМ да го издигне женскиот ракомет на едно повисоко ниво, поради што впрочем и кандидираме за организација на ЕП во 2022. година.

„Ова е важно затоа што женскиот ракомет во моментов е на пониско ниво на развиеност од машкиот ракомет во Македонија, кога станува збор за сегментот на работење со младите категории и во сегментот на работата со тренерската струка. Ова ќе биде една дополнителна инекција за да може и женскиот ракомет да дојде на ниво кое би било слично и блиску до машкиот ракомет“, додаде првиот човек на македонскиот ракомет, Живко Мукаетов.

Слични очекувања има и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој исто така верува дека шансите на Скопје да биде организатор се прилично големи.

„Сметам дека со квалитетна организација и соработката со РФМ која што ја имаме на државно и локално ниво со неа, дека градот Скопје ќе успее со овој регионален пристап да се јави како еден од коорганизаторите на ЕП за жени во 2022. Градот Скопје ги има потребните сали кои што би задоволувале стандардите, како и повеќе капацитети за сместување. Имајќи во предвид дека станува збор за 2022 и се поклопува некако со крајот на мојот мандат, посветено и јас и администрацијата во соработка и со владата и со рфм ќе се потрудиме да ги подобриме и другите видови структури кои што се неопходни за идеална организација која сум убеден дека можеме да ја добиеме“, истакна Шилегов.