Манчестере мој, УЕФА и ФФМ не ми овозможија да бидам среќен со тебе во Скопје!

25294

Македонија и Скопје ја добија големата чест и организација од УЕФА, да бидат домаќини на големото УЕФА Суперкуп финале, кое ќе се одржи утре на арената „Филип Втори“, а главните актери ќе бидат веројатно двете планетарно најпопуларни екипи на денешницата, Реал кој е победник во ЛШ, и Манчестер Јунајтед во Лига Европа.

Скоро никој во Македонија веројатно не сонуваше дека ќе ни биде доделена таква чест и привилегија, но сепак, чуда се случуваат, а многу приврзаници на овие два клуба, ќе имаат уникатна и единствена шанса да бидат сведоци на историјата во фудбалска Европа, и каде една од овие две екипи, утревечер ќе го подигне УЕФА трофејот.

Но тука се разбира е и гневот и нервозата кај многу љубители и фанови на овие две екипи, кои не успеаа да дојдат до карти за натпреварот. Сите добро знаат што значи да дојдат Реал и Јунајтед во Скопје, и свесни се дека ова тешко дека ќе се повтори барем во следните 50 години, пред се поради тоа што се случи во Скопје со хотелиерите кои побрзаа да ги набијат цените до небо.

Тагата и разочарувањето беше големо кај многуте фанови на Реал и Јунајтед, кои прво не беа извлечени преку УЕФА Суперкуп лотаријата, а потоа и преку приватни канали и луѓе кои добија карта од ФФМ, а потоа безмилосно ја препродаваа за барем две просечни плати во Македонија, суми кои ретко кој може да си ги дозволи.

Колку боли податокот само што влезници за натпревар добија фанови од екипи кои не се дел од големото УЕФА Супер куп финале, најдобро раскажуваат навивачи на двата клуба, но на крајот од денот, против „барабанот“ на УЕФА не се може ништо.

Еден навивач на Манчестер Јунајтед, се обрати до нашата редакција со краток и јасен текст, во кој јасно може да се констатира неговиот гнев, разочараност и лутина што не успеа да дојде до влезница за големото спортско збиднување.

 

Многу, многу посакував да ги следам моите омилени играчи, мојот омилен клуб, кој од 1997 наваму го следам секојдневно, клуб со кој се будам и заспивам, но сепак не успеав. Фактот дека не успеав да дојдам до карта, а тоа златно парче хартија го добија луѓе кои на стадион во Скопје не одат дури и кога игра репрезентацијата, ме прави уште полут на тоа што не бев дел од среќниците кои за прилично симболични цени ќе ја гледаат елитата, но секоја чест на исклучоци, кои добија карти, и кои со големо задоволство и сласт ќе си го следат својот омилен клуб во нашиот главен град веројатно по прв пат“.

Суперкуп финалето ќе се случи и ќе помине, но тагата по овој настан кој нема да може да го гледаат сите во живо, ќе остане голема и незаборавна. Дури ваквата ситуација би ја споредил и со стариот добар филм за чоколадите на Вили Вонка, кога децата бараа златен тикет во чоколадата, за подоцна да ја посетат фабриката на споменатиот Вили Вонка, па така и јас, преостанува само од ТВ беспомошно и со солзи во очите да си го следам клубот, на кој толку многу му се радував, на кој толку се надевав дека ќе го видам овде еден ден, и на кој му се радувам и ќе му се радувам и во иднина“.

Сакав одблиску да бидам сведок на големото спортско збиднување во Скопје, но среќата овој пат не беше на моја страна, и при евентуално освојување на трофејот од УЕФА Супер купот, тагата ќе биде со уште поголеми пропорционални димензии за мене. Уште повеќе боли податокот што на „Филип Втори“ ќе бидат присутни и легендарните и неуништливи Сер Боби Чарлтон, креаторот на еден постар Манчестер, и иконата на модерниот Јунајтед, Алекс Фергусон, човекот од Гован, Шкотска, типчето, кое ме натера дури да се тресам за натпреварите на мојот омилен клуб цели 90 минути. Манчестер! Те сакам, јас и ти сме „ко плави зумбул и зелена када“, но овој пат нема да бидеме заедно во Скопје! Дури и од пред телевизор, ти посакувам Скопје да ти биде златен утревечер“, текст кој беше испратен до нашата редакција од навивач на „црвените ѓаволи“.