Лукајиќ: Цибона е преискусна, мораме да дадеме се од себе

245

Кошаркарите на МЗТ Скопје денес ќе ѝ гостуваат на Цибона (15 часот), во меч од 16. коло од АБА лигата во кој домаќинот влегува како голем фаворит додека македонските кошаркари со желба да прикажат добра игра и да пробаат да го изненадат поранешниот европски шампион.

Тренерот Жељко Лукајиќ и на овој меч нема да може да смета на повредениот Дарко Соколов, но тоа нема да биде пречка останатите да го дадат својот максимум и да пробаат да стават крај на низата порази. Сино-белите знаат како се победува во Загреб, нешто што го направија во првиот воопшто меч во друштвото на најдобрите екипи од просторот на поранешна СФР Југославија.

„Пред нас е меч во кој бараме победа за кревање на атмосферата во тимот. И овој пат се соочуваме со проблеми со повредени кошаркари, со оглед што Соколов сѐ уште не е подготвен да ни помогне. Згора на тоа, ростерот и понатаму не ни е докомплетиран со оглед на празнината на плејмејкерската позиција по заминувањето на Павичевиќ. Од друга страна, против себе ќе ја имаме силната Цибона, која има голем број преискусни играчи со долгогодишно искуство во АБА-лигата. На нас е да го дадеме максимумот, да покажеме дека формата е во нагорна линија и да пробаме да го покажеме тоа во Загреб“, вели Лукајиќ.

Претставници на МЗТ Скопје синоќа беа на трибините во загрепска „Арена“ каде што навиваа за ракометната репрезентација на Македонија во дуелот со Словенија на Европското првенство. Присуството, пак, на голем број македонски навивачи во Загреб е шанса голем дел од нив да се појават денеска на трибините во салата каде ќе се игра мечот со Цибона за да им дадат помош на кошаркарите на македонскиот шампион.