Лукајиќ: Достојно да го одиграме последниот натпревар во АБА пред нашите навивачи

237

По пауза од речиси еден месец поради одигрувањето на завршниците од националните купови и репрезентативниот прозорец на ФИБА, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром викендов ќе ги продолжат настапите во АБА лигата и тоа со утрешниот меч на домашен терен против Цедевита (17 часот).

Сино-белите во пресметката со една од најдобрите екипи во регионалното натпреварување ќе настапат засилени со Марко Симоновски и Ѓорѓе Мајсторовиќ, но без повредениот Бојан Трајковски. Атмосферата во екипата е подобрена по неодамнешниот триумф во Купот на Македонија, поради што тренерот Жељко Лукајиќ сака енергијата од завршницата во Кавадарци да се пренесе и на средбите од јадранското друштво.

„Играме против тим кој е еден од фаворитите за триумф во АБА, состав кој игра одлична кошарка и кој е квалитетно пополнет на секоја позиција со репрезентативци на Хрватска и БиХ. Наша цел е достојно да го одиграме овој последен меч пред своите навивачи во ова натпреварување и да пробаме да го изненадиме силниот ривал. Ќе биде исклучително тешко, но атмосферата во екипата е драстично подобрена по триумфот во националниот Куп па ќе пробаме таа енергија да ја пренесеме и на оваа средба. Ни се враќаат Марко Симоновски и Ѓорѓе Мајсторовиќ со што клупата ќе стане ‘подолга“, но ќе го немаме Бојан Трајковски што сигурно ќе биде проблем во играта под кошевите. На нас е да дадеме сѐ од себе, па ќе видиме што ќе излезе од сето тоа“, вели стратегот на „металците“.