Кире и Борко на крајот четврти во Келн

656

Ракометарите на Веспрем го освоија третото место на завршниот турнир во Лигата на шампионите, во мечот кој се одигра како предигра за големото финале меѓу Вардар и ПСЖ. По поразот од Вардар, Барселона на Кире Лазаров и Борко Ристовски остана и без утехата, односно без третото место, откако загубија од Веспрем со 30:34.

Во првите десетина минути се играше гол за гол до 5:5, по што Веспрем преку Угалде, Нилсон и Лекаи направи позитива и се одвои на 9:5 со серија од 4 голови. Левото крило Арињо даде 2 гола во серија и намали на 9:7, но унгарскиот првак повторно побегна на највисоките плус четири (12:8), а при 13:9 во 19 минута, кога Борко Ристовски му го препушти местото на Гонзало Де Варгас.

По 14:10 и голот на Угалде, Барселона заигра подобро во нападот и преку, Ентрериос Нгесан и Мем намали на 14:13, а во 26 минута полскиот репрезентативец Шипжак израмни на 16:16 со што Каталонците се вратија комплетно во игра. До крајот на полувремето сепак унгарскиот тим постигна два гола, наспроти едниот на Барса, па на пауза се замина со 18:17.

На стартот на вториот дел Барселона веднаш израмни преку Ентрериос на 18:18, пред Веспрем повторно со нова серија да си обезбеди пристојна позитива. Кога се игра против тим како Барса ниту една разлика не смее да го опушти противникот, па избраниците на Чави Пасквал, се вратија на 22:22 преку Жалуз во 40-та минута.

Голманот на Веспрем, Миклер, влезе во серија одбрани, и се чини дека унгарскиот тим во тие моменти ја направи клучната разлика и поведе со 27:22. Подоцна беше и 28:23, па 29:24 со голот на Наѓ, пред капитенот на македонската репрезентација Лазаров да намали на 29:25 на десетина минути до крајот.

Разликата од 4 или 5 голови, Веспрем искусно и рутинирано успеа да ја одржи до самиот финиш и да го комплетира мечот со конечни 34:30 и да го освои третото место на Ф4. Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Палмарсон со 7, додека Лекаи, Наѓ и Угалде дадоа по 6. Кај Барселона се истакна Н’гесан со 6, а Ривера даде 5, додека Лазаров постигна 3 голови.