Дебакл на Аеродромци на домашен терен: На овој МЗТ местото не му е во АБА лигата!

449

Екипата на МЗТ Скопје доживеа уште еден тежок и убедлив пораз во рамките на АБА лигата, откако вечерва на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“ претрпе вистински дебакл од словенечка Олимпија која славеше победа со огромни 55:96.

Ова е уште еден показател дека на овој МЗТ местото не му е во АБА лигата. Да загубиш со 41 поен разлика во меч на домашен терен и тоа против директен конкурент за опстанок, едноставно е недозволиво, ако амбициите е да се игра против најдобрите од регионот.

Јасно е дека мисијата за опстанок во јадранското кошаркарско друштво сега е невозможно, барем не преку теренот, бидејќи Аеродромци загубија од директниот конкурент за опстанок и забележаа нов неуспех, продолжувајќи ја црната низа од четири месеци без победа на домашен терен!

Шансите за опстанок се сведени на минимална теорија. Во последните три натпревари МЗТ ќе игра против второпласираниот Будуќност на гостински терен, против Цедевита дома и против Морнар на гостински терен. Со оглед на тоа дека „металците“ губат со 41 поен разлика на домашен терен, на овие натпревари би било потребно да се случи чудо за воопшто да се дојде до победа, а не пак да се размислува за опстанок.

Но, со оглед на тоа дека МЗТ е еден од основачите на јадранската лига, аеродромци би можеле да преживеат некако, па со вајлд карта да останат во јадранското друштво, или пак да има ново проширување на првенството. Доколку не се случи тоа, „Металците“ следната сезона ќе играат во втората АБА лига.

Трајковски беше единствениот на почетокот што го одржуваше МЗТ во живот против Олимпија, но потоа следуваше пресвртот и серија на Олимпија која водеше до пред самиот крај на полувремето, кога Стојановски, Спасојевиќ и Мавра го вратија МЗТ во живот и со предност заминаа на полувремето (39:37).

Во вториот дел следуваше дебакл на македонскиот шампион. Олимпија за седум минути игра направи серија од 17:3 и поведе со големи 54:42. МЗТ цели осум минути не успеваше да постигне кош, па во последната четвртина Олимпија влезе со огромни 20 поени предност (44:64), а МЗТ постигна само пет поени за цела една четвртина! Доказ за целосното помрачување на МЗТ во вториот дел е фактот што избраниците на тренерот Лукајиќ го загубија второто полувреме со 16:59!

Најефикасни во таборот на МЗТ Скопје беа Бојан Трајковски и Дамјан Стојановски со по 12 поени.