Две огромни причини за победа на Македонија против Словенија на стартот од ЕП

901

Македонската ракометна репрезентација денеска и официјално ќе го започне своето петто учество на континенталните ракометни шампионати со мечот против Словенија од 19:30 часот во загрепска „Арена“.

Избраниците на Раул Гонзалез пред себе ќе имаат тешка задача да го совладаат тимот на Веселин Вујовиќ кој освои бронзен медал на последното Светско првенство.

Но, денешниот натпревар ќе донесе два големи мотиви за нашите момци, или две големи причини зошто да се победи Словенија.

Имено, Македонија досега никогаш нема започнато со триумф на едно Европско првенство. На дебито на континенталните шампионати во 1998. година стартувавме со убедлив пораз од Унгарија (29:20). На тој шампионат кој се одржа во Италија, ние завршивме на последната позиција во групата со четири порази и едно реми против Русија.

На вториот настап, во Србија 2012. година, започнавме со реми против Шведска (26:26), за потоа да славиме победи против Полска, Србија и Словенија кога го освоивме петтото место, најдобар пласман во нашата историја.

На следните две Европски првенства, во Данска загубивме од домаќинот со убедливи 29:21, а истото ни се случи и во Полска каде игравме против Франција и забележавме пораз од 30:23.

Ова е последна шанса за оваа генерација да ја прекине црната серија и конечно да стартуваме со победа на едно Европско првенство.

Вториот мотив за избраниците на „командантот“ Раул е фактот што кога последен пат ја победивме Словенија, токму на тоа ЕП во 2012. година, ние го остваривме најголемиот успех во историјата на репрезентативниот ракомет.

Македонија и Словенија имаат пет меѓусебни натпревари, од кои три се официјални. Нашиот национален тим има само една победа, но се чини најслатка од сите, бидејќи токму против Словенија во мечот за петтото место ние славевме триумф со 28:27 и испишавме историја.

Останатите два официјални натпревари се на Светските првенства. Најпрво во 2015. година загубивме со 28:30, а на вториот дуел на СП 2017. година загубивме со 22:29, кога Словенија го освои третото место.

Ако се следи традицијата, тогаш би било прекрасно ако славиме над Словенија денеска. Најпрво ќе се прекине црната серија без победи на отворањата на Европските првенства, а тоа би можело да биде и патоказ за остварување на уште еден голем успех на континенталните шампионати по оној историскиот во Србија пред шест години.