Вориорси можат без Кари, Спарси никако без Ленард: Шампионот триумфално го започна плеј-офот

21

Со дуелот помеѓу Голден Стејт и Сан Антонио вечерва започна плеј-офот од НБА лигата, а Вориорси лесно дојдоа до предност над Спарси (113:92).

Иако играа без Стеф Кари, Вориорси вечерва ги надиграа Спарси и лесно дојдоа до предност во четвртфиналето од Западната конференција.

Не само што Вориорси беа одлични, треба да се напомене дека тимот на Грег Попович затаи во целост и ништо не покажа на овој дуел.

Од почетокот Вориорси беа тие кои владееја на паркетот и водеа главен збор, па веќе по првата четвртина имаа водство од 28:17, а веќе на полувремето беше плус 16 (57:41).

Како што се наближуваше крајот на мечот, така домашниот тим беше се посупериорен и разликата само растеше, па може да се каже дека мечот беше завршен многу рано, барен на осум-девет минути пред крајот.

Да го имаа Спарси на располагање Ленард, нема сомнежи дека приказната на овој натпревар ќе беше поинаква, па дури и Кари да играше на спротивната страна. За потсетување, на првиот меч од ланското финале на Западот, кога Спарси водеа три четвртини, а потоа Заза Пачулија го згазна Ленард, го испрати во соблекувалната, па Кари, Дурант и останатите во продолжението направија пресврт и си го трасираа патот кон „метлата“. Изгледа дека Пачулија ја сработи „валканата“ работа за Вориорси и во оваа серија, уште во минатогодишниот плеј-оф, бидејќи Ленард цела оваа сезона одигра само неколку натпревари, поради споменатата повреда.

На крајот, Клеј Томпсон со 27 и Кевин Дурент со 24 поени ги предводеа Вориорси до победата на домашен терен, додека Мекги уфрли 15. Во составот на гостите Геј уфрли 15, а Олдриџ 14 поени.