(ВИДЕО) Спектакл на Супербоул, еден од најдобрите мечеви во последните две децении: Иглси го презедоа тронот од Пејтриотс

962

Во еден од најдобрите мечеви во овој милениум, Иглси ги победија фаворизираните Њу Ингланд Пејтриотс со 41:33 и по прв пат во историјата го освоија трофејот „Винс Ломбарди“.

Во Филаделфија ќе се слави до раните утрински часови, а во Бостон ќе се леат солзи. Останатите неутрални фанови со сигурност ќе се радуваат на успехот на Иглси, бидејќи конечно се срушени страшните Пејтриотс. Традицијата на Супербоул дека само Илај Менинг и Њујорк Џајантс можат да ги победат Том Брејди и екипата на Бил Беличик е срушена. Филаделфија е на тронот во најпопуларниот спорт во САД. Во 52. Супербоул, „Орлите“ на „УС Банк“ стадионот во Минеаполис пред 73.000 гледачи го победија петкратниот шампион на НФЛ Пејтриотс со 41:33 во трилер завршница и еден од најдобрите мечеви во американски фудбал во овој милениум.

Трофејот „Винс Ломбарди“ конечно ќе го краси градот на „братската љубов“, кој со години важи за губитнички и најмалерозен. Филаделфија славеше во далечната 1960. година, но ова е прв трофеј за нив во новата ера, во ерата на Супербоулот.

Голем херој на големото финале е квотербекот Ник Фолс, кој го искористи отсуството на тешко пвредениот стартен водач на нападот Карсон Венц, го освои најголемиот трофеј во Америка, и се оддолжи на Филаделфија што го врати од „мртвите“ на почетокот од сезоната и себеси си обезбеди договор на веројатно повеќе од 100 милиони долари, но не во редовите на Иглси, туку во некој друг тим, бидејќи Венц останува неприкосновен лидер на тимот од Пенсилванија. Освен одличниот квотербек, заслуги одат и кај храбриот тренер Даг Педерсен, кој го покрена губитничкиот тим, преземајќи го од Чип Кели и веќе во втората сезона дојде до огромен успех. Во сите три меча од плеј-офот, Иглси беа аутсајдери, но успеаја да ги победат обложувалниците и да дојдат до трофејот.

Филаделфија го слави првиот Супербоул во историјата, а на градот му го носи првиот голем трофеј по титулата на бејзбол тимот во 2008. година. Патриотите не успеаја да се израмнат со Питсбург Стилерс кои остануваат лидери со шест титули во Супербоул ерата. Брејди останува со пет прстени, а ова му е трет пораз (претходните два од Илај Менинг и Џајантс). Трофејниот тренер Бил Беличик останува со седум Супербоул титули (пет со Њу Ингланд како главен тренер и две со Џајантс како дефанзивен координатор).

Ник Фолс фрли три тачдаун пасеви, вкупно имаше фрлени 373 јарди. Одлично трчаа Лагерет Блант со 90 и Џеј Аџаи со 47 јарди. Кори Клемент беше изненадување на Педерсен. Иако ранинг бекот имаше улога на рисивер, освен еден тачдаун, собра точно 100 јарди. Кај Пејтриотс, Брејди статистички беше импресивен со 505 јарди и три тачдаун пасеви, но „фамблот“ во финишот расипа се. Дени Амендола имаше 152 јарди и тачдаун, додека Крис Хоган собра 128 јарди.

Најдобриот тајт енд на денешницата Роб Гронковски брилјираше во продолжението, фати две тачданун додавања, но тоа беше недоволно за триумф.

За најдобар играч на 52. Супербоул е избран квотербекот на Филаделфија Ник Фолс. Ден претходно, Том Брејди по трет пат стана МВП на сезоната, но повторно се покажа како клетва дека најдобриот играч во сезоната не го освојува трофејот „Винс Ломбарди“. Последен пат, Курт Ворнер со Сент Луис во 1999. година беше и МВП на сезоната и го освои Супербоул. Ранинг бекот на Филаделфија Лагерет Блант го одбрани трофејот минатата сезона, кога го носеше дресот на Њу Ингланд.