(ВИДЕО) Барселона и Челзи се гаранција за спектакл во Лигата на шампионите

833

Лигата на шампионите веќе во осминафиналето ни носи големи европски дерби натпревари, а во центарот на вниманието секако ќе биде и двомечот помеѓу Барселона и Челзи, еден од двата мега-спектакли во првата рунда од нокаут фазата.

Каталонскиот и лондонскиот клуб во минатото имаа жестоки дуели во нокаут фазите од Лигата на шампионите. Се започна во 2005. година кога по двомечот Челзи мина понатаму, но сите го паметат спектакуларниот гол на Роналдињо кој е еден од најубавите голови во историјата на Лигата на шампионите, совладувајќи го Чех со удар од место.

Само една година подоцна тие повторно се сретнаа, а тогаш Барселона беше поуспешна.

Сепак, веројатно најпознат дуел беше оној во 2009. година во полуфиналето кој го донесе легендарниот меч на „Стемфорд Бриџ“. Поради тој натпревар Барселона ден денес влече „опашки“ и ја нарекуваат со погрдни имиња поради судијата Том Хенинг Овребо.

Челзи преживуваше вистинска опсада на голот во првиот натпревар. Чех правеше чуда на голот и Англичаните се извлекоа со нула во пресрет на реваншот во Лондон. Вториот натпревар од тоа полуфинале се смета за најголемата судиска кражба во поновата фудбалска историја. Судијата Овребо не досуди четири чисти пенали, но впечатокот беше дека Барса едноставно мораше да мине понатаму.

Челзи прикажа борбена игра и Микаел Есиен веќе во 9. минута стрелаше за 1:0. Барселона напаѓаше, Челзи имаше уште неколку сериозни шанси, а Овребо остана „слеп“ при прекршокот на Дани Алвес врз Малуда, влечењето на Абидал за дрес врз Дрогба, прекршокот на Јаја Туре врз Дрогба со две нозе и играта со рака на Пике во шестнаесетникот.

Ништо од тоа не беше доволно за Овребо да покаже на белата точка, па како што обично се случува, во 90. минута Меси го проигра Иниеста на работ од шестнаесетникот, а овој со прекрасен удар од прва стрелаше за 1:1. Тоа беше единствениот удар во рамките на голот за Барса на целиот натпревар, но доволен за пласман понатаму.

Во петтата минута од судиското надополнување, Балак шутираше кон голот, а Ето бранејќи го лицето со рака ја запре топката. Германецот го бркаше Овребо по целиот терен откако не досуди пенал, а подоцна Норвежанецот мораа да го спасуваат и од бесниот Дрогба.

Судијата подоцна призна дека направил грешка, но тоа не беше доволна утеха за навивачите на Челзи кои за одмазда чекаа три години.

Ждрепката повторно ги спои во полуфиналето, кога „Сините“ ги изненадија Каталонците и се пласираа во финалето, а подоцна дојдоа до титулата.

Првиот натпревар судијата Феликс Брих одлично го одработе, па Челзи со голот на Дрогба во 45. минута однесе голема предност за „Сините“ на реваншот на „Камп Ноу“. Таа предност во реваншот траеше до 43. минута. Барса во 35. минута поведе преку Бускетс, а две минути подоцна Тери доби црвен картон. Кога Иниеста во 43. минута го постигна и вториот гол, ниту најоптимистичните навивачи на Челзи не веруваа во пласман понатаму.

Тоа не се промени ни со фантастичниот гол на Рамиреш во 45. минута, со оглед на тоа дека гостите мораа да преживеат цело второ полувреме со играч помалку против моќната Барселона. Веднаш на почетокот од вториот дел, Дрогба во шестнаесетникот го сруши Фабрегас и Меси од пенал имаше шанса да го реши натпреварот. Но, Аргентинецот ја погоди пречката, а Челзи се напика во сопствениот шестнаесетник и одби да се предаде.

Наградата дојде во судиското надополнување кога Фернандо Торес целосно сам од центарот на теренот тргна кон голот, го мина Валдес и погоди за 2:2 и пласман во финалето. Таа година Челзи ја освои и титулата.

Што не очекува оваа година, можеме само да претпоставуваме. Судејќи по нивната меѓусебна историја, сигурно ќе претстои уште еден спектакуларен меч.

Првиот натпревар се игра на 20 февруари на „Стемфорд Бриџ“, додека реваншот е на 14. март во Барселона