БОРЧЕ ХРИСТОВ: Македонија има повеќе таленти, но условите во Азербејџан се далеку подобри

1075

Македонија нема голем број квалитетни стручњаци, но и покрај тоа премногу лесно се откажува од оние кои покажале резултати. Најдобар пример за тоа е Борче Христов, тренер кој, со мали прекини, веќе една деценија успешно работи во азербејџанскиот фудбал.

Прво како помошник на Ѓоко Хаџиевски во ФК Баку, а во моментов како координатор на младинската школа на шампионот на Азербејџан, Карабаг. Многу веројатно овој клуб ќе учествува и на “Пандев купот” во Струмица со неколку свои екипи, но сето тоа треба допрва да се дефинира, а зависи од други фактори.

Паузата за новогодишните празници Христов ја помина во Македонија каде, меѓу другото, пренесе дел од своите искуства во Азербејџан.

СК: Како стигнавте во азербејџанскиот фудбал, особено ако се знае дека не станува збор за земја во која фудбалот има долга традиција?

ХРИСТОВ: Јас сум во Азербејџан од 2008 година, дојдов заедно со Ѓоко Хаџиевски и Муарем Зекир и тоа во ФК Баку. Освоивме титула во првенство и игравме во квалификациите за Лигата на шампионите и потоа Лига Европа каде стигнавме до последното квалификациско коло и таму несреќно бевме елиминирани од Левски.

Во ФК Баку останав 18 месеци, по мала пауза во Македонија се преселив во Карабак и мали прекини останав до денес. Прво бев 1,5 година во првиот тим, два пати игравме во европските купови со солиден настап и правевме екипа за високи дострели.

Борче Христов (сина маичка) на своето работно место

Две години бев спортски директор во академијата каде имплементирав свој систем на тренинзи кој се користи и ден-денес. Потоа имавме мали недоразбирања и се вратив во Македонија, но по некое време повторно добив повик да се вратам што беше голема сатисфакција за мене.

Успесите на Карабак оваа сезона достигнаа кулминација, вложувањата од 7-8 години резултираа со пласманот во Лигата на шампионите.

СК: На клупски план Азербејџан веќе е во европската фудбалска елита имајќи предвид дека Карабаг настапуваше во Лигата на шампионите. Но, може ли да се направи споредба меѓу македонскиот и азербејџанскиот фудбал?

ХРИСТОВ: Првенството во Азербејџан е нешто поквалитетно, пред се поради странците кои настапуваат таму. Во Македонија на прсти можат да се избројат квалитетни странски фудбалери. Освен тоа, клубовите се многу побогати, сите клубови имаат прекрасни тренинг центри со фантастични терени, без разлика дали се со природна или вештачка трева.

Но, како нација, Македонија има повеќе таленти, а и репрезентацијата е посилна затоа што имаме повеќе фудбалери кои играат во странство. Еден од проблемите во Азербејџан е тоа што фудбалерите ретко се решаваат да заминат “на печалба” затоа што имаат одлични услови дома, а одлично се и платени и буквално немаат потреба од авантури надвор од земјата.

СК: Голем е бројот на Македонци кои играа во Азербејџан. Каков е нивниот статус таму?

ХРИСТОВ: “Во оваа деценија во Азербејџан играа голем број македонски фудбалери: почнувајќи од Игор Митревски, Ѓорѓи Христов, Славчо Георгиевски, Артим Шаќири, Муарем Муарем, Никола Глигоров, Дејан Блажевски, Ванче Шиков, Ндерим Неџипи и многу други, како и тренерите Ѓоко Хаџиевски, Муарем Зекир итн.

Борче Христов (клечи втор од десно) беше стандарден првотимец на Вардар на почетокот од 90. години на минатиот век

Сите тие се исклучително почитувани, омилени се кај навивачите и љубителите на фудбалот и тие буквално ја отворија вратата за нашите фудбалери и тренери во Азербејџан.

СК: Впечаток е дека и покрај големите вложувања, Азербејџан нема голем број квалитетни тренерски имиња. Каква е фактичката ситуацијата на тој план?

ХРИСТОВ: Низ азербејџанскиот фудбал поминаа голем број исклучително квалитетни тренери од светски калибар, почнувајќи од Вини Шефер, нашиот Хаџиевски, Џон Тошак, Булент Коркмаз, Берти Фогтс, Роберт Просинечки итн.

Сите тие многу придонесоа за зголемувањето на квалитетот на азербејџанскиот фудбал и помагаат за создавање на домашни стручњаци. Азербејџанците немаат голем број квалитетни тренери, но полека почнуваат да работат и на тој процес.

Еден од оние кои се очекува во иднина да бидат интересни и за странските клубови е токму актуелниот тренер на Карабаг, Гурбан Гурбанов кој е ценет на светско ниво, а чиј асистент бев јас на почетокот од престојот во Карабаг. Млад, но многу амбициозен тренер кој го води Карабаг од 2008 година и од раководството на клубот доби голем простор за напредок и развивање.

Најново е тоа што од неодамна е поставен за селектор на репрезентацијата на Азербејџан каде ќе работи паралелно со водењето на Карабаг, а во исто време ќе се грижи за програмата на сите репрезентативни селекции, почнувајќи од У-15 до У-21.

Тешко дека некој ќе ги повтори неговите успеси, тој не само што го направи Карабаг доминантен клуб во Азербејџан, туку го однесе и во Лигата на шампионите.

СК: Има ли таму интерес за фудбалот и воопшто таленти?

ХРИСТОВ: Азербејџан е поднебје каде што, исто како и кај нас, има таленти, но им претстои многу работа. Освен тоа, имаат хендикеп што се далеку од европскиот континент и буквално секое гостување во Европа за нив претставува проблем.

Но, она што го научив таму е дека многу го сакаат фудбалот, буквално живеат за него и во блиска иднина ќе бидат мошне силни.

СК: Правите ли скаутинг на младите фудбалери од Македонија и можно ли е некој од нив да заврши во школата на Карабаг?

ХРИСТОВ: Постојано ги следам младите фудбалери од Македонија, за настапите на Карабаг во Лигата на шампионите земавме двајца млади играчи од Работнички и за нив тоа беше големо искуство.

И за нашите играчи е голема работа да тренираат во азербејџански клубови бидејќи условите се далеку подобри од овде.

Кога сме веќе кај младите фудбалери, морам да пренесам неколку искуства од настапите во јуниорската Лига на шампиони. Бевме во група со Челси, Рома и Атлетико и тоа што го видов таму, едноставно ме фасцинира.

Челси имаше неколку фудбалери кои последните години станаа светски шампиони со англиската репрезентација во генерациите до 17 и 19 години. Во својата база, Челси има 52 терени за тренинг, прашање е дали во цела Македонија имаме толку. Атлетико Мадрид во својата академија има 55 генерации (!!!) и над 150 тренери. И покрај тоа ние со Карабаг направивме сензација, па го победивме Атлетико на гости со 1-0.

СК: Постои ли можност Борче Христов наскоро да се врати во Македонија и тука да ги пренесе своите искуства?

ХРИСТОВ: Морам да кажам нешто што не ми е својствено. Пред да се вратам во Карабаг, јас бев повеќе од една година слободен и престојував во Македонија. Ниеден клуб во тој период не се ни обиде да контактира со мене за, евентуално, да ми понуди ангажман.

Во Азербејџан е сосема поинаква работата, таму сум исклучително почитуван, се знае што работам, сите во клубот имаме одредена должност и затоа има успех.