Антиќ: Ќе играм додека се смеам и уживам

375

Центарот на Црвена Звезда и најдобар македонски кошаркар ја сумираше годината која изминува, изнесувајќи голем број пофалби за своите соиграчи. Во интервју за српските медиуми, поточно „Спортске“, Антиќ даде интересен осврт на изминатата година.

Перо Антиќ ужива во Црвена Звезда каде веројатно ќе ја заврши својата богата кариера.

„Годината ќе ја паметам најмногу по враќањето во финалето од Евролигата со Фенербахче и победата, потоа по враќањето во Звезна и лично во семејството. Тоа се најважните работи. Ова ми е веројатно една од најдобрите години во кариерата. Може да се спореди со она кога бев во Олимпијакос, но јас сум задоволен, се надевам дека и следната ќе биде добра“, изјави Антиќ.

Во Звезда, по пет месеци, ми изгледа навистина супер. Напорно е малку поради тренинзите, поради моите коски, но тимот е млад, добро е“, додаде Антиќ.

Антиќ во НБА се навикна на чартер летови, исто така и во Фенербахче, а сега во Звезда повторно се врати на напорните патувања кога се играат гостински натпревари.

„Па не сме почнале сите со чартер летови. Почнавме од автобусите на ЈСП, а знам како беше во Звезда минатиот пат. Се навикнуваш, знаеш каде доаѓаш, а со хемијата која ја има овој тим, се заборава на сите работи“, вели Антиќ, кој спореди во што напредувала Звезда од последниот пат кога бил во Звезда.

„Најголема разлика има во маркетингот и резултатите. Соблекувалната е иста, хемијата е иста. Имавме тогаш одлична хемија. Звезда е Звезда“, вели Антиќ.

Антиќ има редуцирана и специјална улога во Црвена Звезда.

„Кога доаѓав, разговарав со Дуле (Душан Алимпијевиќ). Идејата беше да се помогне на некои натпревари кога мора, со своето искуство да им помогнам на помладите со по некој совет. Се обидувам да го правам сето тоа и мислам дека засега добро ми оди“, додаде македонскиот кошаркар.

Антиќ е во интересна ситуација во Звезда каде главниот тренер на тимот е помлад од него дури четири години.

Нема врска тоа, јас сум Балканец. Колку години и да има, тренерот е тренер, кога ќе излезеш и ќе слушнеш „тренер“, тој е тренер. Тој е газда, тој е лидер на тимот, го слушаме него и тоа е тоа. Човекот има знаење и само треба да бидеме трпеливи, ова му е прва година во Евролигата и оствари резултати кои никој не ги очекуваше. Човекот ја знае кошарката, работи цело време, опседнат е со кошарка, секоја чест за тоа“, одговара Антиќ, кој го пречекуваат добро во сите негови поранешни клубови каде настапувал во Евролигата.

„Јас само сакам да се пензионирам, но не ми дадоа можност, само испраќање“, вели на шега и додава: „Секогаш сум приврзан со клубовите, секогаш давам се од себе. Давам се, ако и брат ми е во другиот тим, нема врска, јас ќе дадам се од себе. По натпреварот ќе се прегрнеме. Секогаш живеам за тимот каде играм. Тие тоа го почитуваат и не го заборавиле“.

По доаѓањето во Звезда Антиќ истакна дека ова е веројатно последната сезона за него во Звезда.

„Да почекаме. Додека уживам, ќе играм кошарка. Кога ќе почнам да работам… Тоа и татко ми ми го кажа кога почнував – играј додека се смееш и уживаш“, одговори Антиќ.