Абутовиќ: Ги одбив Раул и ПСЖ за да дојдам во Рајн Некар

1732

Српскиот ракометар од редовите на европскиот шампион Вардар, Илија Абутовиќ, од следната сезона ќе се пресели во редовите на германскиот шампион Рајн Некар Левен.

Еден од најдобрите ракометари кога станува збор за дефанзивата, го достигна својот зенит во дресот на Вардар каде настапува неколку години и одлучи својата кариера да ја продолжи во Бундеслигата, иако имал можност да замине во ПСЖ каде следната сезона ќе работи досегашниот тренер на Вардар и селектор на Македонија, Раул Гонзалез.

„Од првиот момент моја желба беше да бидам член на Рајн Некар Левен. Тоа е шампион на Германија, се уверив во одличните услови кои ги имаат, исто така сум чул се најдобро за луѓето кои го водат клубот и ќе ми биде чест да го носам дресот на еден таков клуб. Исто така се радува на соработката со тренерот Николај Јакобсен кој е еден од најдобрите тренери на светот, а сигурен сум дека следната сезона во Бундеслигата и Лигата на шампионите ќе ги постигнеме посакуваните резултати. Ќе имаме моќен тим, имав голема желба да се пробам во Бундеслигата и сето тоа е причина која ми помогна да се одлучам за Рајн Некар Левен, иако имав понуда од ПСЖ, ПИК Сегед, Кил, како и уште неколку други германски клубови“, изјави Абутовиќ.

Абутовиќ во Рајн Некар Левен ќе настапува со македонскиот репрезентативец Филип Талески.