Fiat Punto  добива наследник во Argo

441

Според првите најави овој модел ќе стартува со продажба, на пазарот во Бразил, но постојат шанси истиот да се појави и во Европа, на радост на неговите бројни поклоници.

Објавени се официјалните фотографии на Fiat Argo модел што ќе го замени Punto, но според првите најави  иницијално ќе се продава на пазарот во Бразил, а токму на тој пазар е развиен и дизајниран.

Засега не е познато дали овој модел ќе се појави и на пазарот во Европа, меѓутоа, според официјалните фотографии, Argo има европска појава, па може да очекуваме и на клиентите на Стариот континент да им се понуди наследникот на Puntо.

Како и да е ниту новиот Fiat Tipo не се произведува во Италија, туку во Турција, и досега е убаво прифатен на пазарите ширум Европа, па според таа логика би можело и новиот Argo  да прерасне во глобален модел од Бразил.

Во таа класа Fiat секогаш имал угледен претставник и bestseller уште од моделот Uno, потоа Puntо низ три генерации, последната Puntо EVO беше од 2010 година, по што нема вистински наследник.

Можеби токму сега е време за наследникот бидејќи во класата Ford  Fiesta просто „меле“ на европскиот пазар како најпродаван автомобил во првиот квартал од тековната  2017 година.

Новата Seat Ibiza наредниот месец влегува во продажба на европскиот пазар, освежената Toyota Yaris e веќе тука, како и новиот Citroen C3, а од есенва ќе пристигне и целосно новата генерација на VW Polo, и се чека уште само претставник од Италија.

Според првите информации Argo е долг околу четири метри, a нуди багажен простор со волумен во основа од 300 l.

Во понуда ќе доаѓа со три пакети на опрема:: Attractive, Essence и Sporting.

Моделот, на официјалните фотографии е поставен на 17-инчни алу-фелни и освојува со црвени детаљи на браникот, па се претпоставува дека станува збор за HGT верзија со 139 КЅ.

Секако, во понуда ќе има и послаби агрегати, па така стартниот модел под хаубата ќе има вграден мотор со работна зафатнина од 1,0-литри, со три цилиндри и со моќ од 77 KS.

Скала погоре е мотор со зафатнина од 1,3-литир, со четири цилиндри и 109 KS.

Бидејќи Punto, во Европа е многу популарен модел, неговиот наследник Argo би можел да го повтори успехот на претходникот, но сепак постои едно ако – а тоа е во Fiat да решат да го понудат и на купувачите во Европа…