Шпанецот не се шегува: Втора победа на Вињалес во Мото ГП шампионатот

736

Шпанскиот возач Маверик Вињалес е сензација на стартот од сезоната во Мото ГП шампионатот.

Иако никој не го сметаше како еден од конкурентите за титулата, возачот на Јамаха ја оствари и втората победа во втората трка сезонава откако триумфираше на денешната Голема награда на Аргентина. Вињалес победи пред својот тимски колега Валентино Роси, а на победничкиот пиедестал се искачи и Кал Крачлоу, додека без бодови поради излетување останаа шампионот Марк Маркес, Хорхе Лоренцо и Дани Педроса.

Лоренцо излета уште во воведните кругови од трката, додека Маркес и Педроса го завршија настапот на истата кривина, но кон средината. Вињалес е лидер во генералниот пласман со максимални 50 бода, а зад него е Валентино Роси со 36. Шпанецот е прв возач на Јамаха по 27 години кој триумфирал на првите две трки од сезоната.

Следната трка се вози на 23 април во Остин за Големата награда на САД.