Јаховиќ ја образложи контроверзната порака: Во репрезентацијата само губам време и форма

3128

Македонската фудбалска репрезентација на последните два квалификациски натпревари освои четири бода. Најпрво во Торино одигравме 1:1 против Италија, а потоа дома во Струмица против Лихтенштајн, со 4:0 ставивме точка на одичниот крај на квалификациите.

Фудбалерите во еуфорија најавуваат пласман на едно големо натпреварување во иднина, велат дека атмосферата во националниот тим е на прекрасно ниво и дека токму тоа е клучот за одличните резултати во 2017. година кои навистина најавуваат блескава иднина на репрезентативниот фудбал.

Но, сето тоа беше срушено со еден статус на Адис Јаховиќ. Напаѓачот на турски Гозтепе, преку Фејсбук испрати порака која ги шокираше сите.

Причина за тоа беше фактот што тој не доби шанса ниту во Торино, ниту во Струмица, иако, барем на прв поглед, искрено се радуваше на успесите.

„30 голови за една година во Турција не беа доволни. Прв стрелец во Суперлигата во Турција, а повикан како резервен играч во репрезентацијата. Браво, ама јас имам карактер поголем него вие сите заедно ДУШМАНИ!“, напиша Јаховиќ на Фејсбук, а во разговор за „Македонски Спорт“ реши да ја образложи причината за својата жестока и контроверзна порака.

„Одлучив да прекинам со репрезентацијата. Да не бидам погрешно разбран, јас ја сакам Македонија, во таа земја сум роден, таму сум израснат, но мојата одлука е поради тоа што видов дека ништо не се сменило. Едноставно никогаш не сакам да сум втора опција. Најдобар стрелец сум во турската Супер лига, играм стандардно во клубот, лани постигнав 23 гола во Втора лига. Навистина не е лесно. И покрај тие голови, да бидам повикан како резервен играч, како втора опција за Македонија, тоа не ми се допаѓаше. Со репрезентацијата само губам време и губам од формата. Затоа решив да кажам – доста е“, истакна Јаховиќ.

Можеби Јаховиќ е до некаде во право. Барем на оној дуел со Лихтенштајн можеше да добие награда за својата извонредна голгетерска форма и да го замени Несторовски во шпицот на нападот, да одиграше барем 15-20 минути.

Но, таквата постапка, односно жестоката порака преку социјалните медиуми е за секоја осуда. На таков начин да се нападнат соиграчите со кои заедно се радуваше на погодокот во Торино и да се плука по репрезентацијата во моменти кога целата јавност полека ја враќа довербата во нив, навистина не е во ред. Јаховиќ е познат по својот темперамент. Еднаш веќе беше избркан од репрезентацијата поради својот однос, а сите го паметат неговиот потег на натпреварот против Израел во Скопје, кога му ја грабна топката на Хасани и не му дозволи ниту на Несторовски да го изведе пеналот, туку самиот ја презеде одговорноста и на крајот промаши во 95. минута што не чинеше реми.

По тој натпревар Ангеловски не го повика Јаховиќ во репрезентацијата, веројатно причината е подлабока, можеби тоа ја поремети атмосферата во репрезентацијата. Но, неговата форма не можеше да се игнорира на последните натпревари, па по повредата на Николов, Ангеловски одлучи да му даде шанса и да го повика дополнително во националниот тим.

На крајот, репрезентацијата на Македонија и Јаховиќ неславно завршуваат. Навистина штета, бидејќи губи Македонија, а уште повеќе Јаховиќ. Од следната година започнуваат квалификациите за ЕП, како и Лигата на нациите. Ќе беше многу полесно за Ангеловски ако во тимот имаше на располагање двајца врвни шпицеви како Несторовски и Јаховиќ. Со толку натпревари на распоредот, сигурно дека ќе имаше простор и шанса и за напаѓачот на Гозтепе, но тој на крајот сам си ја скрои судбината, а Македонија на крајот сигурно нема да трпи, бидејќи во офанзивата се уште се Трајковски, Несторовски, Пандев, Алиоски, Тричковски…