Ѓорческа со полуфинале на турнирот во Тунис

889

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа бележи уште еден голем напредок во својата кариера.

Ѓорческа игра одлично на турнирот во Тунис, а доказ за тоа е и пласманот во полуфиналето. Македонската тенисерка дојде до полуфиналето во сингл конкуренција откако денеска во интересен и неизвесен дуел успеа да слави победа над Силвија Солер Еспиноза од Шпанија со 2:1 во сетови.

Шпанската тенисерка имаше значително подобар пласман на АТП листата во однос на Ѓорческа, но сепак тоа не ја спречи нашата тенисерка уште еднаш да ги потврди своите квалитети и дојде до голема победа. Инаку, Еспиноза прва поведе и го освои првиот сет со 4:6, по што следуваше доминација на Ѓорческа и голем пресврт. Во вториот сет Ѓорческа славеше со убедливи 6:1, додека во решавачкиот успеа исто така на доминантен начин, со 6:2, да се избори за голема победа.

Противник на Ѓорческа во полуфиналето ќе биде победникот од дуелот помеѓу Петра Мартиќ од Хрватска и Катарина Кава од Полска.