Штета: МЗТ Скопје испушти победа во Љубљана

247

МЗТ Скопје го доживеа шестиот пораз во АБА лигата, Петрол Олимпија се радуваше со 94:85, но металците беа во игра се до последните 90-тина секунди.

Екипата од Аеродром имаше три негатива и напад на 1:50 до крајот, промаши удар за три и во следниот напад загуби топка, а потоа домаќинот рутински го заврши мечот во своја корист. Новото засилување Доминик Мавра имаше 21 поен и беше најдобар стрелец на натпреварот. Дамјан Стојановски постигна 14 поени, Лалиќ имаше 13, Павличевиќ 12, а Спасојевиќ 10 поени.

Бојан Трајковски одигра малку минути, нешто под 18, со 8 поени и со 5 скока, најверојатно лимитиран од повредата на препоните која што беше обелоденета од таборот на МЗТ Скопје. И Симоновски одигра 18 минути, без постигнат поен, со 2 непрецизни шута за три поени.

Кај победникот, се истакнаа Морган со 20 поени, Хроват со 16 поени и 7 асистенции, Лорбек со 15 поени, а Оливер имаше 13 поени, 9 скока и 7 асистенции.

МЗТ Скопје останува на двете победи во досегашните 8 натпревари, една дома против Партизан и една на гости кај Игокеа. Следната пресметка во АБА лигата, македонскиот претставник ќе ја игра пред своја публика, на 19-ти ноември против Будуќност.