Шпанските медиуми откриваат: Љубовта „пукна“, Роналдо на крајот од сезоната си оди од Мадрид

981

По којзнае кој пат Кристијано Роналдо си заминува од Реал Мадрид, ако се суди по написите на медиумите од Шпанија. Ваквите информации во принцип ги пласираат сензационалистичките медиуми, но и медиумите од Каталонија, кои сакаат да направат дестабилизација во редовите на „Кралскиот клуб“, но по последните информации, се чини дека Роналдо сега навистина е близу до заминување.

Пред неколку дена шпанските медиуми открија дека Роналдо навистина бил заинтересиран летово да си замине од Реал Мадрид, дека тоа не биле само празни шпекулации, но дека за најдобриот фудбалер на светот немало интерес. Поточно, единствени два клуба каде што Роналдо би можел да заигра биле ПСЖ и Манчестер Јунајтед. „Светците“ се одлучија за Нејмар, а Мурињо не сакал „Ѓаволите“ да трошат премногу време за Кристијано Роналдо, па Португалецот на крајот сепак остана во Реал, а не доби ниту ново зголемување на платата кое што го бараше. Во текот на целото лето Роналдо мудро молчеше и не ги демантираше вестите за негово заминување.

Сега, според информациите кои доаѓаат од Пиринеите, Кристијано Роналдо го известил претседателот на Реал Мадрид Флорентино Перез дека сака да го напушти клубот во јуни следната година.

Овојпат веста ја пренесува една од најпопуларните шпански спортски телевизиски емисии „Ел Чирингито“, информација која ја пренесоа сите останати спортски медиуми во Шпанија.

Според мадридски „АС“, кој ја пренесува изјавата од наведената емисија, Перез одлучил да попушти и да му даде нов договор на Португалецот, но сега тој одбил да го продолжи истиот и сака да го напушти Реал следното лето.

Според истиот извор, Роналдо побарал и го замолил Перез да му го олеснат заминувањето од клубот, односно да не го задржуваат на сила. Португалецот наводно го одбил новиот договор, затоа што не го добил она што го очекувал, па сето тоа било капка која ја прелеала чашата.

Тој смета дека не е доволно ценет во клубот и сака нови предизвици. Според истите наводи, му сметало тоа што Реал се обидел да го доведе Мбапе во текот на последниот преоден рок, а исто така и тоа што Нејмар се поврзува со „Кралскиот клуб“ како негов наследник.

Пред неколку дена Роналдо наведе дека е среќен и дека не сака да го обнови договорот. Сега ова е голем пресврт во ситуацијата. Повторно во игра за неговиот потпис се враќаат Манчестер Јунајтед и ПСЖ, со тоа што во ваква ситуација двата клуба нема да имаат потреба премногу време и напор да вложуваат во преговорите со Реал и со Португалецот.