Шок за македонските љубители на фудбалот: Кристијано Роналдо не доаѓа во Скопје!

14214

Еден од најдобрите фудбалери на денешнината Кристијано Роналдо нема да допатува во Скопје за Супер купот на Европа што е закажан за 8 август.

Тоа утринава го објави шпанскиот дневен спортски весник Марка кој го прикажа планот за подготовки на португалскиот ас. Проблем прави претстојниот Куп на конфедерации на кој Роналдо ќе настапи со својата репрезентација, а кој ќе трае од 17 јуни до 2 јули. Со оглед на тоа што не е во цветот на младоста, Роналдо, како и лани, ќе добие поштеда од својот тренер, а тоа го вклучува и период пред почетокот на новата сезона.

Според планот, Роналдо ќе добие одмор од 30 дена по последниот натпревар на Купот на конфедерациите. Тоа значи дека ако Португалија стигне до финалето, за што постојат реални шанси, нема да се појави на подготовките на Реал до крајот на јули. Тоа значи дека тој нема да настапи ниту во Ел Класико против Барселона во Мајами, меч кој е закажан за 29 јули. По приклучувањето на подготовките, Роналдо ќе тренира речиси две недели и се очекува негов прв натпревар од новата сезона да биде оној во Супер купот на Шпанија против Барселона на 12 август на Камп Ноу. Единствена надеж да се појави во Скопје е Португалија да испадне во групната фаза од Купот на конфедерациите, но речиси никој не верува во такво сценарио во конкуренција на Нов Зеланд, Русија и Мексико.

Истиот распоред Роналдо го имаше и лани иако тогаш во прашање беше повреда. Не играше во Супер купот против Севиља, а во тимот се врати дури на почетокот на септември. Освен тоа, Зидан ја дозираше неговата минутажа, Роналдо пропушти неколку натпревари во текот на сезоната и тоа беше рецептот за одличнаата форма во финишот кога се освојуваат медалите. Како резултат на тоа, Роналдо остана далеку зад Лионел Меси на листата на стрелците во Ла Лига, но затоа ги освои трофеите во Ла Лига и во Лигата на шампионите.

Како и да е, отсуството на една од двете најголемите ѕвезди во денешниот фудбал ќе биде голема загуба за љубителите на овој спорт во Македонија кои со нетрпение очекуваа тој да дојде тука за Супер купот против Манчестер Јунајтед на 8 август.

loading...