Шкендија со брутална одмазда: Вардар декласиран на домашен терен во полуфиналето од Купот

856

Екипата на Шкендија дојде до одмазда за неодамнешниот пораз од Вардар во првенството, откако во првиот меч од полуфиналето во Купот на Македонија славеше на „Телеком Арена“ со убедливи 1:3.

Шкендија со иста мера успеа да му возврати на Вардар за убедливиот пораз и сега веќе со една нога е во финалето од националниот Куп, иако како што е очигледно, во дуелите помеѓу двата ривали никогаш не се знае, пред се бидејќи се работи за големо дерби на двата најквалитетни и најбогати клуба во Македонија.

Поразот на Вардар го најави македонскиот репрезентативец Бесарт Ибраими со еврогол од слободен удар од 30-тина метри, кога со „бомба“ ја затресе мрежата на Aлексовски во 26. минута од мечот. Ибраими уште од стартот на мечот им создаваше главоболки на вардаровите играчи, а токму тој го удвои резултатот во судиското надополнување од првото полувреме.

Ибраими беше прецизен од пенал кој што беше досуден пос стартот на Грнчаров над Меџедовиќ. Иако Алексовски му го процени ударот, сепак, за малку не успеа да одбрани и Шкендија дојде до водство од 0:2.

Второто полувреме Седлоски го започна со две замени, Велковски и Блажевски го напуштија теренот, а на нивно место влегоа Николов и Спировски, со што тренерот на домашните сакаше да воспостави контрола на средината од теренот.

Се чинеше дека неговата одлука е вистинска, откако по само шест минути игра Вардар успеа да намали на 1:2. Фелипе од пенал го намали гостинското водство, откако беше прецизен во горниот лев агол. Пеналот го изнуди Барсегјан кој што беше фаулиран од Чолак.

Вардар сепак не успеа да дојде до израмнување, а Шкендија успеа да се одмазди за убедливиот пораз, откако во 76. минута беа поставени конечните 1:3.

После противнападот од страна на Шкендија, Меџедовиќ додава до Хасани кој што одкосо од лево го совлада Алексовски и ги води тетовци на чекор од финалето и одбрана на титулата во Купот.