Шкендија и Пелистер ќе играат во Струмица, Работнички на игралиштето на ФФМ

962

Поради претстојниот Супер куп на УЕФА што ќе се игра во Скопје на 8 август, ФФМ забрани летово да се играат натпревари на Телеком арената.

Како последица на тоа, македонските претставници во европските купови мораа да бараат алтернативни решенија за своите дуели од Лигата Европа. Изборот не е голем, во Македонија нема многу стадиони што ги исполнуваат критериумите на УЕФА, но добро е што во оваа фаза тие и не се премногу строги.

Од тие причини, Шкендија и Пелистер се одлучија за стадионот “Младост” во Струмица каде токму тие две екипи годинава го играа финалето од Купот на Македонија. Шкендија прва ќе игра во Струмица и тоа против Дачија на 29 јуни од 18 часот. Мечот меѓу Пелистер и Лех е закажан за 6 јули.

За разлика од нив, Работнички го одбра игралиштето на ФФМ каде ќе го пречека тимот на Тре Пене од Сан Марино. И овој меч е во рамките на реваншот и ќе се игра на 6 јули.

Останува уште Вардар да потврди каде ќе го пречека Малме во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите. “Црвено-црните” се надеваат дека ќе добијат дозвола од ФФМ да играат во Скопје, но ако тоа не се случи актуелниот првак ќе мора да бара алтернативно решение.