Шапекоенсе живее: Им загина цела екипа, одбија имунитет, па на крајот сами се изборија за својата цел!

1260

Речиси една година по страшната трагедија во која загинаа 22 фудбалери на Шапекоенсе, новата екипа на овој бразилски клуб успеа на три кола пред крајот да обезбеди опстанок во бразилската Серија А.

Шапекоенсе синоќа славеше против Виторија со 2:1 и во соблекувалната бурно го прослави големиот успех. Откако во авионската несреќа остана без практично целата екипа, шефовите на клубот го одбија предложениот имунитет од страна на останатите бразилски клубови за неиспаѓање од елитата во следните три години, се додека клубот не се стабилизира од големата трагедија. По првите неколку одиграни кола во новата сезона, Шапе дури беше и првопласиран на табелата, но по серијата лоши резултати во текот на мај, тргнаа по надолна линија.

Сепак, тие успеаја да го зачуваат прволигашкиот статус, што е уште поголем успех ако се земе предвид дека во бразилскиот фудбал е исклучително тешко да се вратите од втора во прва лига.

За потсетување, авионот на компанијата „Ла Миа“ на 28. ноември минатата година превезуваше новинари, стручниот штаб и екипата на Шапекоенсе кон Колумбија на финалето од Копа Судамерикана, јужноамериканската верзија на Лигата на Европа.

При слетувањето во Меделин авионот остана без гориво и се сруши во планините. Од 77 патници и членови на екипажот преживеаја само шест лица – четворица фудбалери, еден новинар и една стјуардеса. Причина за несреќата било лошото планирање на летот од страна на екипажот и погрешната пресметка за потребна количина на гориво.