Чудната животна приказна на Лука Циндриќ: Од работник на паркинг до европски шампион за четири години

5947

Хрватскиот репрезентативец Лука Циндриќ ја има можеби најмотивирачката приказна за секое дете, па и млад човек.

Пред само четири години, додека бил член на Карловац, Циндриќ работел на паркинг иако во тој период бил најдобар стрелец во хрватската ракометна лига. Никој не верувал во него затоа што имал “само” 185 сантиметри.

“Работеше на паркинг, а потоа му се приклучи Вуко Борозан. Тој не можеше да работи бидејќи немаше работна дозвола, но играа заедно и станаа тандем кој четири години подоцна стана европски шампион”, изјави за Јутарњи лист нивниот тогашен работодавец Давор Златиќ.

“Дојде од Огулин со репутација на добар играч и уште од стартот почна да напредува од ден во ден. Исклучително е вреден, упорен, доследен… Висината никогаш не ја сметаше за отежителна околност”, додава тогашниот тренер на Карловац, Динко Џанковиќ.

И не само што е еден од главните играчи на Вардар, туку Циндриќ полека станува носител на играта на хрватската репрезентација. Шанса да го потврди тоа е Европското првенство во јануари чиј домаќин е токму Хрватска.