“Црвено-црните” прават екстра тим: Драган Цвијиќ од идната сезона во ЖРК Вардар

596

Српската репрезентативка Драгана Цвијиќ од идната сезона ќе биде дел од шампионот на Македонија, ЖРК Вардар, објавија денеска “црвено-црните”.

Таа потпиша договор на две години и треба да биде мега-засилување за пикерската позиција. Својата афирмација, Цвијиќ ја доживеа во тимот на Будуќност, но најдобрите игри ги прикажа во српската репрезентација со која еднаш стигна до финалето на Светско првенство.

„Вардар почна да го создава тимот за следните сезони, а ангажирањето на Драгана Цвијиќ е дел од намерата екипата да добие квалитетни засилувања на секоја позиција. Верувам дека со доаѓањето на Цвијиќ во нашите редови ќе имаме уште поконкурентна екипа подготвена за високи дострели. Вардар секогаш се стреми да ги има најдобрите можни играчи во своите редови, кои ќе придонесат за остварување на зацртаните клупски цели – врвот на Европа”, изјави Давор Стојаноски, Извршниот директор на Вардар

Драгана Цвијиќ со екипата на Будуќност двапати беше европски првак во 2012 и 2015 година. Последните три сезони постојано е дел од Ф4 турнирот на ЕХФ лигата на шампионките. Во 2014 година беше и вице првак на Европа. Четирипати беше победник на Регионалната ВРХЛ лигата и петпати ја освојуваше двојнате круна во Црна Гора.
На репрезентативен план со репрезентацијата на Србија освои сребрен медал на СП 2013. Има и златен медал од Медитеранските игри во Мерсин. Во 2008 година беше избрана за најдобра ракометарка во Србија, а во 2013 година и дел од Ол стар тимот на СП.

Поради повреда го пропушти првиот дел од сезоната во лигата на шампионите, а сега повторно е дел од Будуќност во главната фаза од ЛШ. Од 2009 година постојано игра во ЛШ, прво за екипата на Крим, а потоа во 2011 година потпиша за Будуќност. Претходните три сезони постојано постигнуваше по најмалку 47 гола, а најплодна и беше 2014/2015 кога Будуќност по вторпат беше европски првак, а таа беше стрелец на 52 гола.