Цела Европа и се смее на Македонија: Хотелиерите им бараат екстра-пари на навивачите за сместување во Скопје

51342

Угледот на Македонија во Европа е тотално уништен од хотелиерите и туроператорите од Скопје.

Причина за тоа е претстојниот натпревар од Супер купот на УЕФА меѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид кој треба да се одигра на 8 август во Скопје. Навивачи за англискиот Мирор сведочат дека хотелите од нашиот главен град им бараат на Англичаните дополните 500 до 900 фунти по ноќ иако тие имаат резервации од пред неколку месеци за одредена цена.

“Многу навивачи на Јунајтед букираа сместување во Скопје пред повеќе месеци, надевајќи се дека нивниот тим ќе игра во Супер купот. Сега, кога стана јасно кој ќе игра, хотелите не ги почитуваат нивните резервации. Тие бараат екстра пари затоа што, како што велат, резервациите се направени одамна, а цените во меѓувреме пораснале. Навивачите не можат да ги користат своите соби ако не платат повеќе.

Добра вест за нас е тоа што има многу добри луѓе во Македонија кои бесплатно им нудат апартмани на навивачите на Јунајтед од Велика Британија”, вели навивачот на Јунајтед, Ник Хорн.

Негов колега го нарече однесувањето на Македонците “скандалозно” и посочи дека никаде досега не платил толку висока цена за сместување иако патувал во многу земји со Манчестер. Истото се однесува и за шпанските навивачи на Реал Мадрид кои пред неколку дена се пожалија на високите цени во Скопје.

Како никогаш досега, цените за сместување во нашиот главен град пораснаа и до 520 евра за ноќевање по лице. Во Скопје се очекуваат околу 10 илјади навивачи на Реал и Јунајтед, но голем дел од нив најавија дека ќе се сместат во Бугарија или Грција.