(ФОТО) Македонското „МСН“ трио

1370

Македонската фудбалска репрезентација до 19 години забележа огромен успех во квалификациите за Европското првенство откако во исклучително тешката група во која беа заедно со Швајцарија, Белгија и Лихтенштајн, на коло пред крајот обезбедија пласман во Елитната фаза од квалификациите.

Македонија ги совлада најголемите конкуренти, славејќи со идентичен резултат (2:1) против Швајцарија и Белгија, па во последното коло против Лихтенштајн ќе влезат без резултатски притисок.

Можеби најталентираната генерација која Македонија ја имала во нашата независна фудбалска историја, ги исполни очекувањата со пласманот во следната фаза. Генерацијата со Елмас, Чурлинов, Атанасов, Митровски, Трапановски, Ферукоски, Тодоров, Стоименовски и останатите ќе се борат за пласман на уште едно големо натпреварување.

Најзаслужни за победата против Белгија беа Чурлинов, Елмас и Атанасов. Елмас и Атанасов ги постигнаа погодоците, а Чурлинов забележа асистенција за првиот гол и го изнуди пеналот по кој падна вториот гол. Токму по голот од пенал на Атанасов настана и фотографијата која неодоливо потсетува на оригиналното МСН трио со Меси, Суарез и Нејмар, која настана на 11. јануари 2015. година по победата над Атлетико Мадрид со 3:1, во која учествуваа токму тие тројца со голови и асистенции.

Симболично, по тој натпревар дојде пресвртот во сезоната на Барселона и на крајот ја освоија тројната круна, па се надеваме дека и оваа фотографија од Чурлинов, Атанасов и Елмас ќе биде симболика за ново големо натпреварување за една македонска репрезентација.

Интересно е и што „македонското МСН“ трио на фотографијата исто така е „наредено“ по редни броеви, како и оригиналното трио, со таа разлика што Суарез, Меси и Нејмар ги носеа „деветката“, „десетката“ и „единаесетката“, додека Атанасов, Елмас и Чурлинов ги носат „седумката“, „осумката“ и „деветката“ на своите дресови.