Фетел со утешна победа во Бразил, Хамилтон заврши на четвртото место

370

Германскиот возач од Ферари славеше на денешната трка за Големата награда на Бразил.

Иако финскиот возач Валтери Ботас стартуваше од првата позиција, Фетел брзо го претекна, а Ботас се најде помеѓу него и Раиконен.

Светскиот шампион Луис Хамилтон стартуваше од гаражата поради инцидентот на вчерашните квалификации, но им се доближи на останатите возачи кога безбедносното возило се појави на патеката. Во такви околности Хамилтон се проби до четвртото место, а го презеде и водството на десетина кругови до крајот кога водечкото трио замина во боксот.

Откако ги одработе своите обврски околу менувањето на пневматиците, тој дојде до 5. позиција и брзо го претекна Макс Ферстапен и дојде до четвртото место. Подоцна му се доближи и на Кими Раиконен кој се обиде да го мине, но погреши при кочењето и подоцна не доби шанса за такво нешто.

Што се однесува до борбата за првото место, Фетел без поголеми проблеми ја одржуваше предноста во однос на Ботас кој го стигна пред самиот крај, но сепак не успеа да го загрози, па Германецот ја славеше својата четврта победа оваа сезона.

За потсетување, шампионот е од претходно познат, а тоа е Луис Хамилтон, кој на ова место го наследи Нико Розберг, својот некогашен тимски колега.

Последната трка од оваа сезона ќе се вози во Абу Даби на 26. ноември.